Меѓу примени пациенти има тројца малолетници – две девојчиња и едно момче, додека останатите се четворица мажи и една жена, на возраст од 22 до 25 години. Највозрасниот пациент има 31 година.Вкупно осум лица повредени во пожарот што избувна во дискотека во Кочани се хоспитализирани во Универзитетската болница „Н. И. Пирогов“ во Софија, изјави на прес-конференција директорот на болницата, д-р Валентин Димитров, јави БТА.
Бугарија презеде обврска да прими 14 лица на лекување.
Шест други повредени лица се примени во Воената болница во Варна и во болницата „Св. Георги“ во Пловдив.
– Ќе биде направено сè што е потребно, болницата располага со сите неопходни ресурси, нагласи тој. Додаде дека сите пациенти биле донесени во тешка состојба на термички шок, што е сериозна закана за организмот, независно од брзината на лекарската интервенција.
– Сега претстојат средби со семејствата на пациентите кои беа транспортирани од Кочани, додаде тој.
Центрите за снабдување со крв во Софија, Пловдив и Стара Загора одговорија на потребите на болницата за крв, но д-р Димитров упати апел дека крводарувањето не смее да запре и останува постојана потреба.
Состојбата на сите пациенти е тешка, со изгореници на телото, горните екстремитети и лицето, како и на горните и долните дишни патишта, што дополнително ја комплицира нивната здравствена состојба. Според д-р Димитров, тројца од пациентите се интубирани, додека за останатите ќе биде направена дополнителна медицинска проценка и терапевтски план.