Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во четвртокот изјави дека разговорите со САД за завршување на војната во Украина напредуваат бавно, но сигурно, објави руската новинска агенција ТАСС.
„Бавен но стабилен напредок може да се забележи во процесот на преговори со САД за решавање на конфликтот во Украина“, рече Захарова.
На дневниот брифинг со новинарите самата Украина речиси и не беше спомената, а Захарова потоврно ги обвини западноевропските престолнини кои со Киев ги разработуваат противпредлозите на првичниот мировен план на САД, за обиди да ги поткопаат напорите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Портпаролката на руската дипломатија ги повика американските колеги да се спротивстават на обидите на западноевропските земји да го поткопаат напредокот постигнат во процесот на преговорите за Украина.
Захарова рече дека преговорите меѓу Вашингтон и Москва се придружени со „исклучително штетни, па дури и злонамерни обиди од група држави, првенствено западноевропски, да го торпедираат и попречат целиот постигнат дипломатски напредок: Во нашиот дијалог со американската администрација, постојано ги повикуваме нашите колеги активно да се спротивстават на овој деструктивен процес“.
„Европа продолжува да се потпира на континуирани непријателства во Украина и ескалација на тензиите, дури и не размислувајќи за мир: Тие размислуваат за парите што наводно ќе му ги префрлат на режимот во Киев, а потоа ќе ги повратат“, изјави Захарова.
Рече и дека украинските безбедносни служби добиле задача максимално да ја заострат мобилизацијата и да издадат приближно два милиона судски покани до почетокот на 2026 година. „Во пракса, тоа ќе биде еднакво на општа мобилизација во Украина“, оцени Захарова.
По објавувањето на мировниот план од 28 точки, кој во Западна Европа го критикуваа како „руска листа на желби“, челниците на Велика Британија, Германија, Франција, како и на Европската унија, инсистираа да влезат во преговорачкиот процес како поддршка на Украина, со цел според нив да спречат исходи што би можеле сериозно да ја поткопаат идната стабилност на Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оттогаш јавно изнесе противпредлог од 20 точки, кој моментално е во фаза на дискусија.
Од друга страна, Русија сè уште не презентирала официјален став и не ги напуштила своите максималистички барања. Од Москва повеќепати одговорија дека сѐ уште не го имале увид таканаречениот „прочистен“ мировен предлог по кој би требало да дискутираат.
Во врска со евентуалниот мировен план, Захарова ја повтори подготвеност на Москва да преговара за договор за ненапаѓање со европските земји или земја од НАТО. Тоа беше предлогот што Москва им ги понуди на Вашингтон и Брисел во декември 2021 година, но тогаш беше со потсмевање експресно одбиен.
„Русија е подготвена да формулира соодветни обврски во форма на писмен, правно обврзувачки документ“, потврди Захарова.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно повторно понуди таков меѓународно обврзувачки договор и ги отфрли тврдењата дека Русија може да нападне членка на НАТО како „глупости“.
The post Москва оцени дека разговорите со САД напредуваат бавно но сигурно appeared first on NetPress.