Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ги повика граѓаните да внимаваат при купување на станови и да се одлучуваат за веќе изградени објекти со важечки имотен лист и употребна дозвола. Тој предупреди дека купувањето на станови во градба носи ризик граѓаните да останат и без стан и без вложени средства доколку инвеститорите немаат финансиски можности да го завршат проектот.
„Би ги советувал да купуваат готови станови кои можат физички да ги видат, со важечки имотен лист и употребна дозвола, бидејќи постои шпекулација на пазарот и ми е страв дека инвеститорите можат да не ги завршат проектите што ги започнале“, рече Николоски.
Министерот објасни дека владата не може да влијае на тоа како инвеститорите ќе управуваат со своите проекти, бидејќи локацијата, дозволите и комуналиите се на нивна одговорност. Тој додаде дека цените на метар квадратен се во пораст, особено во урбаните центри како Скопје, Тетово, Штип, Струмица и Охрид, што се користи шпекулативно.
Николоски истакна дека не може да се очекува мерка што ќе ја намали цената на станбениот простор, но потенцира дека можни се олеснувања за младите, како ослободување од комуналии за куќи, поевтино земјиште и изградба на социјални станови за ранливите категории.
Тој додаде дека данокот на прв промет на стан останува 5%, што, како што рече, делумно ја стабилизира цената, додека зголемувањето на данокот на 18% би ја зголемило апсолутната вредност на становите.