
Министерството за здравство информира за состојбата на пациентите во установите во земјава и странство, согласно воспоставените процедури за известување од медицински центри во странство.
Од вкупно 178 повредени, во јавните здравствени установи во државата во моментот се третираат 64 пациенти, кои се во релативно стабилна состојба, во приватните здравствени установи се лекуваат 13 пациенти, а 101 пациент се третираат во странски медицински центри.
Во Литванија четворица пациенти се уште се на интензивно лекување, кои се во стабилна состојба во моментот.
Во Австрија од вкупно шест пациенти кои беа на интензивно лекување, еден пациент е префрлен на оддел, а другите се во потешка, но стабилна состојба.
Исто така, во Полска се на лекување двајца пациенти, од кои едниот е екстубиран, а другиот е на интензивно лекување.
Во Хрватска се хоспитализирани двајца пациенти во тешка општа состојба, но стабилни, а за пристигнатите тројца нови пациенти во тек се дополнителни иследувања.
Упатуваме благодарност до медицинските тимови од странство, кои со својата стручна експертиза, заедно со нашите здравствени работници заеднички и посветено се грижат за повредените пациенти во нашите здравствени установи. Благодарност и за поддршката од сите општествено одговорни компании.
Во Словенија во УКЦ Љубљана се хоспитализирани двајца пациенти, кои се во потешка здравствена состојба, со благо подобрување од вчера.
Денес се во тек подготвителни активности за транспорт на двајца пациенти за Шведска.
Во Бугарија се хоспитализирани вкупно 15 пациенти, од кои седум се интубирани и 6 оперирани, со стабилна хемодинамика, а двајца почнуваат од денес да се движат.
Напоменуваме дека сите пациенти се соодветно згрижени и добиваат 24-часовна врвна медицинска нега во земјава и во специјализираните медицински центри во странство.
Во Белгија и во Италија се хоспитализирани по 4 пациенти и сите се стабилни.
Во Грција од вкупно 12 пациенти, двајца се критични, но стабилни во моментот, тројца од нив се оперирани. Утрово се пристигнати и нови пациенти во Атина, кои се хоспитализирани и се под опсервација.
Во Србија, од вкупно 30 пациенти, 11 се интубирани во потешка општа состојба, а останатите се стабилни.