Вистински спектакл понуди последниот меч од божиќната програма во НБА лигата. Денвер на домашен терен ја пречека Минесота, а на крајот резултатот е 142:138 во корист на Нагетс.
Победникот на овој дуел беше решен дури по продолжение, откако во регуларниот дел, резултатот беше 115:115. Текот на дуелот не најавуваше дека ова на крајот ќе биде меч за памтење, затоа што Денвер ја презема контролата на резултатот и во третата четвртина имаше 16 поени предност. Висока предност од 15 поени (106:91) имаше Денвер во средината на последната четвртина, но тогаш гостите „се разбудија“.
Минесота полека ја топеше негативата и стигна на 115:112, кога Едвардс во последниот напад успеа да погоди тројка и да израмни на само 1,1 секунди до крајот, што беше најава дека ќе има продолжение.
Во дополнителни пет минути Денвер заигра многу подобро, поведоа со 136:130 и потоа постојано имаа контрола на водството, за да на крајот се радуваат на триумф од 142:138.
Историски меч одигра Никола Јокиќ кој на крајот заврши со монструозен трипл-дабл со 56 поени, 15 скокови и 15 асистенции. Србинот е првиот играч во историјата на НБА лигата со ваков учинок. Само четири поени фалеа да постигне Јокиќ за да го израмни вечниот НБА рекорд по бројот на постигнати поени на еден меч кој се одиграл на божиќната вечер во НБА.
Интересно беше и на останатите четири меча кои се одиграа на божиќната вечер во САД. Шампионот Оклахома трет пат за само 11 дена загуби од Сан Антонио, А Њујорк направи чудесен пресврт за победа пред своите навивачи.