Поранешниот еквадорски репрезентативец, 37-годишниот Фелипе Каиседо објави дека се повлекува од фудбалот откако беше убиен неговиот соиграч од Барселона Спортинг Клуб, 33-годишниот Марио Пинеида.
Пинеида беше убиен на 18-ти декември во Гвајакил, најголемиот град во Еквадор. Неговата сопруга, исто така, беше убиена во пукањето што се случи сред бел ден, додека неговата мајка беше ранета.
Смртта на еквадорскиот фудбалер ја потресе и шокираше целата земја. Особено неговите соиграчи од Барселона де Гвајакил. Еден од нив, Фелипе Каиседо, поранешен играч на Манчестер Сити, Интер, Лацио, Малага и други клубови, објави дека повеќе не сака да игра фудбал.
„Најверојатно ќе се пензионирам. Не планирам да продолжам. Смртта на Марио Пинеида длабоко ме погоди и повеќе не сакам да знам ништо за фудбалот. Нема да останам во Барселона“, изјави 37-годишниот напаѓач за локалните медиуми.
Каиседо потпиша за еквадорскиот клуб Барса во јануари оваа година, откако беше надвор од терените повеќе од една година.
Каиседо е икона за еквадорската репрезентација, има 68 настапи и 22 постигнати гола.