За некого многу брзо, за некого полека, но 2025-та година се приближува кон крајот. Како и секоја одмината, таа за некого донесе радост, за некого тага. За негоко предизвици, за некого рутина. За повеќето луѓе на планетава донесе мир. Спокој и така и така, но за Газа, Украина, Судан, па ако сакате и за Индија и Пакистан, Камбоџа и Тајван донесе, каде подолги каде пократки, деструкции и крвопролевање. Населението на Газа ги преживеа најверојатно најголемите ужаси што еден народ може да ги преживее, од Втората светска војна наваму. Жално, но вистинито, хуманоста и крвопролевањата се составен дел на човечката природа, а со тоа и историја. Од тоа не може да се избега, но може, и за воља на вистината се работи на намалување и на страдањата и на крвопролевањата. Дај боже да продолжи така.
Втората фаза од планот за Газа треба да започне да се имплементира со почетокот на следната година. Така е договорено на средбата на клучните играчи во Вашингтон. За воља на вистината, израелскиот министер за одбрана не се согласува со повлекувањето на војската од Газа, но шансите да попушти не се мали. Преговорите помеѓу Русија и САД, од една страна, и Украина зајакната со своите европски сојузници, и САД, од друга страна, сега за сега течат баво, но бележат напредок. Така велат сите инволвирани страни. Сепак, не треба многу да им се верува. Без украинско, доброволно или насилно, повлекување од Донбас, руската инвазија нема да запре. Овде не е лошо да се нотира уште еден позитивен момент. Францускиот претседател јавно повика на дијалог со Русија. Руската страна веднаш одговори позитивно. Тешко дека нешто драматично ќе се случи, но секој разговор е добредојден. Камбоџа и Тајван го прекршија мировниот договор што го потпишаа пред американскиот престедател, но сега таму влезе кинеската дипломатија. Шансите за траен мир се многу поголеми. Индија и Пакистан го почитуваат договорот и најверојатно ќе продолжат така. Исто така, нема знаци ниту за прекршување на договоренот околу Судан. Барем не јавно.
На прв поглед се чини дека човештвото влегува во помирни води. Но, само на прв поглед. Пред неполна една недела грчкиот премиер заедно со кипарскиот претседател беа во посета на Ерусалим. Гледано поединечно ова им е нивна втора посета на Израел во текот на оваа година. Разбирливо! Зајакнување на взаемната соработка во поголем број на области, вклучувањќи ја и одбраната, била главна тема на разговорите. Официјално! Неофицијално, прво грчката „Та Неа“, а по неа и израелските, но и турските медиуми, објавија дека предмет на разговори било создавањето на заеднички сили за брза интервенција. Израелската страна ова не го негираше, но објави дека сега за сега нема ништо конкретно за да соопшти. Според италијанската агенција „Нова“ се работи за контингент од 2.500 војници – Израел и Грција по 1.000, а Кипар 500, кои би биле постојано подготвени, заедно со целата копнена и воздухополвна логистика за брза реакција. Не треба многу да се истражува за да се утврди против кого се насочени. Турција! Една НАТО членка – Грција, работи на склучување на договор со две не-НАТО членки, против друга НАТО членка. Турскиот министер за одбрана јасно прецизираше: „… Турција поддржува дијалог на Егејот и Источниот Медитеран во рамките на НАТО сојузот… но, чекори кои се движат спротивно на духот на алијансата не можат да ја сменат реалноста на теренот…“.
Како што е редот, Турција не остана со скрстени раце. Дента кога грчкиот и кипарскиот лидер беа во Ерусалим, турските министри за надворешни работи и одбрана, заедно со шефот на турското разузнавање беа во Дамаск. Главна тема на разговорите, според соопштнието, со сирискиот претседател е прашањето на одбраната. Кажано со други зборови зајакнување на и онака силното турско влијание во оваа држава, по падот на режимот на Асад. И ова беше малку! За да ја покаже целата своја империјална сила турскиот парламент по предлог на претседателот Ердоган, го продолжи престојот на турските војници во Либија. Истовремено, Пакистан, нејзиниот верен сојузник, со раководството на одвоениот западен дел од Либија, потпиша договор за испорака на воена опема во вредност од четири милијарди долари. Наздравје! За сликата да биде комплетна придонесоа министрите за надворешни работи и одбрана на Сирија. Тие веднаш по средбите со своите турски колеги заминаа за Москва на средба со Путин. Предмет на разговор, се рабира, беше учеството на Русија во опремувањето на сириската армија, но и обновата на земјата.
Се’ на се’ раздвижување кое не смее да помине не нотирано и анализирано од македонското министерство за надворешни работи. Големото Источно прашање доволно ни го загорчувало животот, во минатото, за да се стави на игнор.
Тука некаде е и однесувањето на САД. Само што помисливме дека американско-европските односи влегуваат во помирни води, Трамп не’ врати во реалноста. Повторно го отвори прашањето за Гренланд, но овој пат не само вербално. Тој го именуваше гувернерот на Лузијана за свој специјален пратеник. Истовремено јасно и гласно укажа:
„…Гренланд нам ни е потребен заради нашата национална безбедност, не заради минералите… Ако погледнете во Гренланд, нагоре и надолу по неговиот брег, вие имате руски и кинески бродови низ целиот простор. Нам ни треба за националната безбедност. Ние треба да го имаме…“.
Се разбира, и данскиот и гренландскиот премиер веднаш ја осудија оваа изјава. Покуси не останаа ниту претставниците на Европската Унија. Но, без некој особен ефект. Едноставно станува јасно дека Трамп игра на картата, преку својот специјален пратеник, да влијае врз локалното население да излезе на референдум и да се одвои од Данска. Нешто на што тоа има право. Оттука натаму таа територија ќе биде лесен плен за САД. Тие на располагање имаат повеќе опции (Пуерто Рико, Гуам, Американска Самоа, или Вирџинските острови). Во крајна линија, тоа и не е толку важно. Важно е дека САД повеќе својата безбедност не ја гледаат низ призмата на НАТО. Напротив, тие ќе се обидат да го нарушат суверенитетот на друга членка на НАТО – Данска, за да ја остварат својата цел. Од сево ова, вклучувајќи ги непотврдените информации за преговорите помеѓу Израел и Грција, не може а да не се постави прашањето за иднината на НАТО и на транс-атланските односи. За воља на вистината за последниве и нема некоја посебна потреба од одговор. Одлуката на САД да не му дадат влезна виза на поранешен комесар на ЕУ, се’ кажува. Полека, но сигурно од односи во едно „среќно и сложно семејство“ тие прераснуваат во „комшиски расправии“.
Изнесениве примери, од последниве денови пред крајот на годината уште еднаш го потврдуваат старото правило дека во надворешните работи никогаш двете нозе не треба да се стават на иста даска. Оттука, изјавата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, дека Македонија работи на потпишување на два договора (за стратешко партнерство и слободна трговија-м.з.) со Обединетите Арапски Емирати е за поздравување. Република Македонија, секако дека треба приоритетно да работи на својата евро-интеграција, но таа не смее да стане наша опсесија. Во услови на целосна глобализација, Европа е само полуостров на евро-азиската континентална маса. Оттука потикнувањето и развојот на соработката со други партнери е целосно во согласност со нашите национални интереси – зајакнување на нашата безбедност, но и благосостојба. Ова не е ниту лесно, ниту едноставно, но да се надеваме дека и нашата дипломатија веќе порасна.
Среќна и помалку стресна нова 2026 година!
Автор:Јован Донев заНетПрес