Обилните дождови што паднаа во последните денови во големи делови од Калифорнија предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето и однесоа три животи. Бурите, за кои се очекува да продолжат и во петок, донесоа 27 см дожд во делови од округот Лос Анџелес, предизвикаа евакуации и блокираа главни патишта.
Службите за итни случаи мораа да спроведат неколку операции за спасување, вклучително и луѓе заглавени во возила поради зголеменото ниво на поплавни води. Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, во средата прогласи вонредна состојба во Лос Анџелес и другите окрузи во Јужна Калифорнија. Околу 100.000 луѓе во државата се без електрична енергија од четврток вечерта.
Националната метеоролошка служба на САД соопшти во четврток дека „можни се бројни поплави“. „Дополнително, многу потоци би можеле да надојдат, што потенцијално ќе влијае на поголемите реки“, се додава во објавата..
Полициската управа на Сан Диего објави дека 64-годишен маж од Сан Диего загинал од паднато дрво во средата наутро. Уште едно 74-годишно лице починало во поплавите за време на викендот додека полицијата се обидувало да го спаси од возило во Рединг, изјави градоначалникот за локалните медиуми. Во понеделникот, жена во 70-ите години загина откако „голем бран ја собори од карпа во океанот“ во државниот парк Макеричер во округот Мендосино, соопшти канцеларијата на шерифот.
Предупредувања за евакуација се во сила за делови од округот Сан Бернардино во Јужна Калифорнија, а предупредувања за ненадејни поплави беа издадени за оние во областа на заливот Сан Франциско во четврток наутро.
Налетите на ветер во областа на заливот достигнаа 161 км/ч според опсерваторија во близина на Сан Хозе, објавија локалните медиуми. Во Алтадена, во близина на Лос Анџелес, се случи лизгање на земјиштето во област без вегетација која е помалку способна да апсорбира вода. Областа беше изложена на пожар во јануари оваа година.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, прогласи вонредна состојба поради бурите и ги предупреди жителите да бидат внимателни на патиштата за време на празничната метеж.
„Ги повикувам сите жители на Лос Анџелес да останат безбедни и да бидат исклучително внимателни на патиштата доколку мора да патуваат. Ве молам, не ја сфаќајте оваа бура несериозно“, предупреди Бас.