Поранешниот еквадорски репрезентативец Фелипе Каиседо (37) го објави своето пензионирање од фудбалот по убиството на Марио Пинеида (33), неговиот соиграч во Барселона спортинг клуб. Пинеида беше убиен на 18 декември во Гвајакил, најголемиот град во Еквадор. Покрај фудбалерот, во пукотницата што се случи сред бел ден настрада и неговата партнерка, додека неговата мајка беше ранета.
Смртта на еквадорскиот фудбалер ја потресе и ја шокира целата земја. Особено неговите соиграчи во Барселона де Гвајакил. По овој немил настан, поранешниот фудбалер на Манчестер сити, Интер, Лацио, Малага и други клубови, Каиседо објави дека повеќе не сака да игра фудбал.
„Најверојатно ќе се пензионирам. Не планирам да продолжам. Смртта на Марио Пинеида длабоко ме погоди и не сакам да знам ништо повеќе за фудбалот. Нема да останам во Барселона“, изјави 37-годишниот напаѓач за локалните медиуми.
Каиседо потпиша за еквадорскиот клуб Барса во јануари оваа година, откако беше надвор од терените повеќе од една година. Тој е икона за еквадорската репрезентација со 68 настапи и 22 гола.