Москва веројатно распоредува нови хиперсонични балистички ракети способни да носат нуклеарни боеви глави во поранешна воздухопловна база во источна Белорусија, што би можело да ја зголеми способноста на Русија да ги користи ракетите за да достигне цели низ Европа, заклучија двајца американски истражувачи проучувајќи наводни сателитски снимки во нивното истражување во кое сепак изостанува веродостојност.
Во октомври Минск објави дека рускиот ракетен систем „Орешник“ ќе биде ставен во борбена готовност во Белорусија во декември оваа година. Белорускиот претседател Александр Лукашенко тогаш изјави дека плановите за распоредување на системот „Орешник“ во Белорусија не претставуваат чин на агресија кон ниту една земја, туку обид да се обезбеди безбедноста на државата како одговор на ескалацијата на ситуацијата во регионот особено трупањето војски на белоруските граници со државите членки на НАТО и подготовките во западни земји и во Украина на бунтовнички единци составени од белоруски неонацисти и дисиденти за партизанско војување во Белорусија и негово соборување од власта.
Заклучокот на американските истражувачи е во голема мера во согласност со наодите на американските разузнавачки служби, изјавил за Reuters извор наводно запознаен со ова прашање, кој зборувал под услов на анонимност за да сподели информации коишто наводно не биле одобрени за јавно објавување.
Рускиот претседател Владимир Путин јасно стави до знаење дека планира да распореди ракети со среден дострел „Орешник“ во Белорусија, со проценет дострел до 5.500 километри, но точната локација не е претходно објавена.
Распоредувањето на „Орешник“ дополнително би го истакнало растечкото потпирање на Кремљ на заканата од нуклеарно оружје, бидејќи се обидува да ги обесхрабри членовите на НАТО да го снабдуваат Киев со оружје што може да удри длабоко во Русија, велат некои експерти.
„Орешник“ е хиперсонична ракета, иако и самата има огромна кинетичка моќ, може да носи десетина нуклеарни боеви глави и се смета дека е невозможно да биде пресретната имајќи предвиде дека нејзините боеви глави понираат на целите со брзина од 10 маха (или 2,5–3 километри во секунда), а боевата глава влегува во атмосферата со хиперсонична брзина и речиси вертикално понира кон зададената цел.
Во нуклеарната верзија „Орешник“ може да носи боеви глави со вкупна моќност од 900 килотони (што е еквивалентно на 45 атомски бомби кои САД ги фрлија врз јапонскиот град Хирошима).
Според написите во руските медиуми, времето на летот на ракетата од полигонот Капустин Јар, во јужната Астрахањска област на 100 километри источно од Волгоград, до седиштето на НАТО во Брисел е 17 минути. До аеродромот Рамштајн во Германија потребни се 15 минути, а до американската противракетна база во Реџиков во Полска, само 11 минути.
Руската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето на Reuters за коментар, додека белоруската амбасада одби да коментира.
Белоруската службена новинска агенција БелТА го цитираше министерот за одбрана Виктор Кренин, кој во средата изјави дека распоредувањето на „Орешник“ нема да го промени балансот на моќта во Европа и дека е „одговор на агресивните дејствија на Западот“.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар, а американската Централна раузнавачка агенција (CIA) одбила да коментира за Reuters.
Ревидирана руска стратегија
Истражувачите Џефри Луис од Институтот за меѓународни студии Мидлбери во Калифорнија и Декер Евелет од истражувачката и аналитичка организација CNA во Вирџинија изјавија дека ги базираат своите наоди за распоредувањето на „Орешник“ врз снимки од сателитската компанија „Planet Labs“, кои според нив покажале карактеристики што се во согласност со руската стратешка ракетна база.
Луис и Евелет тврдат дека се 90 отсто сигурни дека мобилните лансери „Орешник“ ќе бидат стационирани во поранешна воздухопловна база во близина на Кричев, околу 307 километри источно од белоруската престолнина Минск и 478 километри југозападно од Москва.
Москва го тестираше конвенционално вооружениот „Орешник“ против цел во Украина во ноември 2024 година уништувајќи го најголемиот комплекс во украинската воздушно-ракетна индустрија „Јужмаш“.
„Путин планира да распореди оружје во Белорусија за да го прошири својот дострел понатаму во Европа“, рече Џон Форман, експерт од Чатам Хаус, кој беше воен аташе на Велика Британија во Москва и Киев.
Форман вели дека тој го гледа овој потег и како реакција на планираното стационирање на американски конвенционални ракети во Германија следната година, што ја вклучува хиперсоничната ракета со среден дострел „Dark Eagle“.
Путин рече по состанокот со својот белоруски колега Александар Лукашенко во декември 2024 година дека „Орешник“ би можел да биде стациониран во Белорусија во втората половина од оваа година, дел од ревидираната стратегија во која Москва распоредува нуклеарно оружје надвор од својата територија првпат по Студената војна. Претходно Советскиот сојуз немаше разместено нуклеарно оружје надвор од границите на таа државна заедница.
Лукашенко минатата седмица изјави дека првите ракети се распоредени, без да ја прецизира локацијата, додавајќи дека до десет „Орешници“ ќе бидат лоцирани во Белорусија. Американските истражувачи проценија дека локацијата е доволно голема за да собере само три лансера, а дека други би можеле да бидат лоцирани на друго место.
Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) Белорусија и Русија е потпишан на 8-ми декември 1999 година. Неа ѝ претходеше формирањето на Заедницата на Белорусија и Русија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија, со крајна цел создавање заедничка држава.
По доаѓањето на власт на белорускиот претседател Александр Лукашенко исчезна ентузијазмот за поголема политичка интеграција, бидејќи тој стравуваше од губењето на овластувањата и моќта, а често во минатото кокетираше и со Западот. Меѓутоа, Лукашенко се премисли откако увиде дека западните земји во своето приближување до границите на Русија имаат намера да изведат во Минск сличен преврат како и во Киев во 2014 година, а особено по претседателските избори во мај 2019 година кога не му беше признаена надмоќната победа и беа организирани масовни протести под обвинение дека се наместени резултатите. Тогаш Москва финансиски го поддржа во врска со наметнатите санкции, а му помогна и во нормализирање на безбедносната состојба имајќи ги предвид зголемените трупи на НАТО на белоруските граници
Политичка порака на Москва
Луис вели дека распоредувањето на „Орешник“ во Белорусија нагласува како распоредувањето на нуклеарно оружје од страна на Русија надвор од нејзината територија испраќа „политичка порака“ за нејзината зголемена зависност од него.
„Можете ли да замислите да поставиме нуклеарни Tomahawk во Германија, наместо само конвенционални? Нема воени причини за поставување на системите во Белорусија, само политички“, тврди Луис во Reuters но сепак занемарувајќи ги загриженостите на Минс.
Меѓутоа, САД според во јавноста познати податоци имаат распоредено во Европа најмалку 150 паричиња американско нуклеарно оружје. Тоа е распоредено во шест американски бази на европскиот континент – Клајне Брогел во Белгија, Бухел во Германија, Авиано и Геди-Торе во Италија, Форкел во Холандија и Инџирлик во Турција, како и британската база Лејкенхит.