Украинскиот претседател Володомир Зеленски в недела на Флорида ќе разговара за територијалните прашања, што се чини е најголемата пречка во мировните преговори со Русија, со својот американски колега по должност Доналд Трамп во Флорида, додека мировниот план од 20 точки и договорот за гаранција за безбедност се приближуваат кон финализирање.
Најавувајќи го договорот, Зеленски рече дека „многу работи може да се одлучат пред Нова година“, додека Вашингтон продолжува со своите напори да ја прекине руската инвазија на Украина, најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна.
„Што се однесува до чувствителните прашања: ќе разговараме за Донбас и нуклеарната централа Запорожје. Секако ќе разговараме и за други прашања“, им рече тој на новинарите на комуникациската платформа WhatsApp.
Русија сака Украина да се повлече од рабните делови од источниот регион Доњецк, кои нејзините сили не успеаја да ги освојат во текот на речиси четиригодишната војна. Москва се стреми да добие целосна контрола врз регионот Донбас, кој го сочинуваат регионите Доњецк и Луганск, доминантно населени со руско и рускојазично населние одметнат по насилниот преврат во Киев во март 2014 година и укинувањето на правата на големата руска зедница во Украина.
Рускиот весник Коммерсантъ објави дека претседателот Владимир Путин им рекол на некои водечки руски бизнисмени дека можеби е подготвен да размени дел од територијата што ја држат руските сили на други места во Украина, но дека за возврат го сака целиот Донбас.
Киев, од друга страна, сака борбите да престанат, така што моменталната ситуација на фронтовската линија ќе биде замрзната.
Соединетите држави, кои се обидуваат да најдат компромис, предложија воспоставување некаква „слободна економска зона“ на територијата што Украина на крајот би ја напуштила. Сè уште не е јасно како таа област би функционирала во пракитката.
Територијалните прашања продолжуваат да бидат камен на сопнување во преговорите. Зеленски рече дека за секој компромис во врска со територијата треба да одлучи украинскиот народ на евентуален референдум.
Нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, ја контролираат руските сили уште од самиот почеток на инвазијата на 24 февраури 2022 година и е блиску фронтовската линија.
Рускиот претседател Владимир Путин на состаник со водечките руски деловни луѓе рекол дека САД изразиле интерес за рударење криптовалути во близина на електраната и дека централата треба да се користи за делумно снабдување на Украина, пишува рускиот весник Коммерсантъ. Тоа всушност и претходно беше објавено од Кремљ, но со тоа што на украинската мрежа и понатаму на европската – струја би испорачувал американски оператор.
Зеленски додаде дека целта на средбата со Трамп била да се „израмнат работите“ околу предлозите и да се разговара за потенцијални договори поврзани со украинската економија. Рече дека не е подготвен да каже дали ќе биде потпишан договор за време на неговата посета, но дека Украина е отворена за тоа.
„Спогодбата за безбедносни гаранции меѓу Украина и САД е речиси готова и 90 отсто од нацрт-планот од 20 точки е завршен“, тврди украинскиот претседател.
Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател, разговарал со администрацијата на Трамп откако Москва добила американски предлози за можен мировен договор, соопшти Кремљ во петокот.