Во првиот натпревар од 18-то коло од англиската Премиер лига одигран во петокот вечерта, играчите на Манчестер Јунајтед беа подобри од Њукасл со 1:0 на својот „Олд Трафорд“.
Натпреварот беше решен во 24. минута со одличен потег на Доргу, кој прекрасно со полуволеј ја зафати топката што паѓаше и ја смести во мрежата од 15 метри. Манчестер Јунајтед одлучи да се брани и да се заканува од контранапади, додека Њукасл систематски го притискаше противникот и бараше израмнување.
Домаќинот сепак им одолеа на сите напади на противникот, ги преживеа сите опасни шанси на Њукасл и на крајот славеше со 1:0.
Оваа победа го однесе Манчестер Јунајтед моментално на петтото место на табелата со 29 бодови, колку што има и шестиот Ливерпул а седмиот Сандердленд заостанува два бода, но двата тима викендов ги играат натпреварите од ова коло. Њукасл, пак, остана 11-ти со 23 бодови, но теоретски на крај од ова коло може да падне и до 16-та позиција на табелата бидејќи го следат тимови со ист број бодови или со бод помалку.
Во сабота, Нотингем Форест ќе игра против Манчестер Сити, Арсенал против Брајтон, Брентфорд против Борнмут, Барнли против Евертон, Ливерпул против Вулверхемптон, Вест Хем против Фулам и Челзи против Астон Вила, додека во недела натпреварите се Сандерленд против Лидс и Кристал Палас против Тотенхем.