Она што требаше да биде сезона на преродба под водство на новиот стратег Џеј-Џеј Редик, по Божиќ се претвори во вистински кошмар за Лос Анџелес Лејкерс. По третиот убедлив пораз во низа, овојпат од Хјустон Рокетс (119-96), фрустрацијата во соблекувалната експлодираше, а Редик не штедеше зборови за да го критикува сопствениот тим.
„Не сме професионалци“
Редик, кој ја напушти медиумската кариера за да го се занимава со спорт, по мечот со Хјустон изгледаше како човек кој нема одговори. Неговата изјава од само шест зборови одекна низ целата НБА лига: „Во моментов не ни е грижа“.
„Тоа е делот што најмногу ме боли. Не ни е грижа доволно за да ги правиме нештата што се неопходни. Не ни е грижа доволно за да бидеме професионалци. Кога играме со труд и егзекуција, ние сме добар тим. Кога не го правиме тоа, а вечерва не го правевме, ние сме ужасен кошаркарски тим“, изјави брутално искрениот Редик.

Проблемот наречен Лука Дончиќ
Како што пишува реномираниот „The Athletic“, иако сопственичката Џини Бас седеше во првиот ред носејќи го дресот на својата нова суперѕвезда, Лука Дончиќ моментално е далеку од формата која раководството ја очекувало од него. Иако статистички неговите бројки (29.5 поени, 7.3 скокови) изгледаат солидно, неговата ефикасност според е некои е катастрофална – само 26% шут за три поени во последните шест меча.
Уште пострашен е податокот дека на последните пет натпревари, Лејкерси биле надиграни со дури 50 поени разлика додека Словенецот бил на паркетот. Дончиќ самиот призна дека нешто мора да се менува: „Изгледаме ужасно. Мораме да зборуваме за ова, колку и да е непријатно“.
Леброн на „неистражена територија“
Следната недела Леброн Џејмс полни 41 година. Иако неговата 23-та сезона е историска, на последните натпревари е видливо дека годините полека го стигнуваат. По трејдот во кој Ентони Дејвис замина за Дончиќ, Лејкерси ја изгубија дефанзивната котва, а Леброн, и покрај неговата кошаркарска интелигенција, не може сам да ги затвори сите дупки во транзицијата.
Повредата на Ривс како последната капка во чашата
Како капак на сите проблеми, Остин Ривс повторно ја повреди левата нога по само шест одиграни четвртини по неговото враќање од претходната пауза. Без Ривс, Лејкерси го губат својот најгласен лидер во соблекувалната и единствениот примарен креатор покрај Дончиќ. Доколку магнетната резонанца покаже подолга пауза, Лејкерси ќе бидат принудени да бараат решенија преку трејд пазарот.
Редик најави „пеколен“ тренинг во сабота каде ќе се кажат сите болни вистини. „Не планирам да работам уште 53 вакви натпревари“, порача тренерот. Прашањето е само дали играчите се подготвени да го слушнат неговиот прекор или „бродот“ во Л.А. веќе почна да тоне.