Еден од најдобрите тенисери на денешницата и актуелен светски број 10, Џек Дрејпер, нема да настапи на претстојниот Австралија Опен. Оваа вест доаѓа како голем удар за британскиот тенис, со оглед на тоа што повредата на раката со која се мачи 24-годишниот тенисер ќе го оддалечи од терените вкупно пет месеци.
Паметна одлука пред желбата за игра
Иако пред само неколку дена се појави видео на кое Дрејпер изјави дека е подготвен за пат во Мелбурн, денешната официјална изјава ги демантираше тие најави. Тенисерот и неговиот тим одлучија дека играњето на три добиени сета на првиот Грен слем во 2026 година е преголем ризик во овој момент.
„Оваа повреда ја влечам долго време. Се наоѓам во последната фаза од рехабилитацијата, но да се вратам на терен директно во мечеви од пет сета толку брзо, едноставно не е паметна одлука за мојата кариера“, изјави Дрејпер.
— jack draper (@jackdraper0) December 26, 2025
Од светски врв до болничка соба
Дрејпер имаше сезона од соништата до моментот на повредата. Во март ја освои својата прва Мастерс 1000 титула во Индијан Велс, а во јуни стигна до највисокиот пласман во кариерата – четвртото место на АТП листата. Сепак, повредата која се појави за време на сезоната на земја го принуди да се повлече од УС Опен во август, што беше неговиот последен официјален настап.
Огромен пад на АТП листата во најава?
Ова повлекување ќе го чини Дрејпер многу бодови. Тој нема да може да ги брани поените од четвртото коло на Австралија Опен минатата година, а доколку не се врати до март, во опасност се и 1.000 поени кои ги освои со титулата во Индијан Велс.
Љубителите на тенисот останаа покуси за еден од ретките играчи кои покажаа дека можат рамноправно да се носат со Јаник Синер и Карлос Алкараз, кого Дрејпер го победи токму на патот кон титулата во Индијан Велс. Засега нема точен датум за неговото враќање, но се очекува тоа да биде најрано во февруари.