Многумина сè уште веруваат дека грипот се пренесува главно преку допир, валкани раце или контаминирани површини. Сепак, за време на сезоната на грип, кога температурите паѓаат и престојот во затворен простор станува подолг, сè повеќе луѓе се прашуваат дали е доволно само да се биде во иста просторија со заразено лице.
„Да, можете да добиете грип со дишење на истиот воздух како болно лице. Вирусот се шири преку капки што се ослободуваат кога заразеното лице кашла, кива, зборува, па дури и додека дише“, објаснува д-р Брунда М. С., специјалист по интерна медицина.
Овие капки често се невидливи и можат да останат во воздухот кратко време, особено во затворени и лошо проветрени простории. Кога се вдишуваат, вирусот стигнува до носот, устата или белите дробови и започнува инфекцијата, што објаснува зошто грипот брзо се шири во канцелариите, училиштата, јавниот превоз и домаќинствата, додава докторката Брунда.
„Ризикот е поголем кога се престојува во близина на болно лице подолго време, особено во мали простории со лоша вентилација. Близината, зимскиот период, сувиот и ладен воздух, како и недоволната вентилација, значително ја зголемуваат можноста за пренос – истакнува докторот и додава дека токму затоа еден член од семејството често ги инфицира другите, како и дека грипот лесно се шири во колективи“, вели таа.
Не е само воздухот
Сепак, воздухот не е единствениот начин на пренос. Капките можат да слетаат директно на лицето или очите, а вирусот може да опстојува на често допирани површини како што се рачки, телефони, маси и тастатури.
„Допирањето на тие површини, а потоа и на лицето, дополнително го зголемува ризикот. Проблем е и фактот дека едно лице може да го шири вирусот дури и пред да се појават првите симптоми, како и неколку дена откако ќе се разболи, што го отежнува избегнувањето контакт“, предупредува докторот.
Кој е изложен на поголем ризик од потешка форма на грип?
Иако грипот може да се појави кај секого, одредени групи се изложени на поголем ризик од потешка болест. Лицата со ослабен имунитет, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања се посклони кон компликации, дури и по навидум блага изложеност на вирусот, предупредува таа.
Како да се намали ризикот од инфекција
За да се намали ризикот, важни се едноставни мерки. Носењето маска кога сте во преполни и затворени простори, држењето растојание од луѓето кои имаат симптоми, редовното проветрување на просториите, миењето раце и избегнувањето допирање на лицето може значително да ја намалат можноста за инфекција. Докторката особено ја нагласува важноста на вакцинацијата против грип.
„Вакцината не само што го намалува ризикот од заболување, туку ја намалува и сериозноста на болеста ако се појави инфекцијата. Исто така, кога не се чувствувате добро, останувањето дома е одговорен начин да ги заштитите другите“, заклучува таа.