Русија сè повеќе ги користи позициите во Белорусија за напади врз Украина, тврдеше украинскиот претседател Володимир Зеленски по состанокот на целото воено раководство во петокот вечерта.
Ова се однесува на нападите со беспилотни летала и ракетите, напиша тој на Facebook, најавувајќи дека со оваа нова тактика Русија се обидува да ги заобиколи позициите на украинската одбрана.
Сепак, извештаите на западните разузнавачки служби засега не го потврдуваат ова тврдење на Киев.
„Ова претставува ризик за Белорусија. Срамно е што Белорусија се откажува од својот суверенитет во полза на агресивните амбиции на Русија“, напиша Зеленски.
Белорусија, близок сојузник на Русија со кој има договор за Сојузна држава од 1990-те, потпиша билатерален договор за безбедност со Москва во декември 2024 година. Договорот ги обврзува двете земји да го бранат суверенитетот на другата страна со сите расположливи средства. Во 2023 година, Русија распореди тактичко нуклеарно оружје и балистички ракети со краток дострел на белоруска територија, наведувајќи ги тензиите со Западот. Лукашенко, исто така, повика на забрзана испорака на системите „Орешник“, кои се стационирани деновиве во Белорусија.
Зеленски во објавата од петокот вечерта додаде дека „проактивната одбрана од оваа нова линија на напад е отежната бидејќи Русија инсталирала целата опрема за напад на станбени згради“.
„Антени и други системи за наведување напад врз цели во Украина сега се инсталирани на покривите на петкатните станбени згради“, инсистира Зеленски повикувајќи се на украинското разузнавање.
„Ова е апсолутно непочитување кон човечкиот живот, Минск треба да престане да ги игра овие игри“, додаде Зеленски порачувајќи дека противвоздушната одбрана на Украина добила инструкции да ја прилагоди својата стратегија.
Белорусија е обвинета дека дозволила наводно од нејзината територија да биде изведен рускиот напад кон крајот на февруари 2022 година кога руските трупи стасаа до пред Киев запирајќи се поради преговорите во Истанбул во март 2022 година кога беше објавено дека е речиси постигнат договор. Потоа, Киев ненадејно беше посетен од тогашниот британски премиер Борис Џонсон и тогашниот американски министер за одбрана Лојд Остин по што Украина се повлече од преговорите, а руските трупи беа отфрлени во противофанзива на украинските сили.
Белоруските трупи не се активно вклучени во борбите, но Киев тврди дека потенцијалната опасност за повторен продор од нејзина територија врзува значителни сили. Од друга страна, пак, Минск постојано предупредува на провокациите и пограничните инциденти од страна на украинската војска.
Минатата година белорускиот претседател Александр Лукашенко соопшти дека безбедносните служби на земјата која о 1990-те години има договор за ткн Сојузна држава со Русија упсиле диверзантска група на границата меѓу Белорусија и Украина која префрлувала експлозиви кои требало да бидат искористени за изведување саботажи и терористички акции на руска територија.