
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, се соочува со многу критики во првите месеци на функцијата, додека бриселските власти најмногу се жалат дека таа продолжила да „се однесува како премиерка“, велат извори за Политико.
За време на посетата на Киев, непосредно по преземањето на функцијата во декември, Калас во Х објави дека „Европската унија сака Украина да победи во оваа војна“, а некои официјални претставници на ЕУ рекоа дека се чувствуваат непријатно што шефицата на Европската служба за надворешни работи, на нејзиниот прв ден од функцијата, си дава слобода да „пречекорува над она што се сметаше за реторика поставена за повеќе од две години од војната во Украина.
„Калас сè уште се однесува како премиер“, рече дипломат на ЕУ, кој побара да остане анонимен, мислејќи на нејзината претходна позиција како премиер на Естонија.
Овој извор и девет други дипломати и претставници на ЕУ му кажаа на Политико за „серија грешки“ за време на првите месеци на Каја Кала, од давање важни предлози кои немаа поддршка до преземање премногу слободи во надворешнополитичките изјави.
„Додека го слушате, звучи како да сме во војна со Русија, што не е линијата на ЕУ“, рече претставник на ЕУ.
Друга забелешка се однесува на нејзиниот предлог, по Минхенската безбедносна конференција во февруари, земјите од ЕУ да обезбедат милијарди евра итна помош за Украина, откако САД ја прекинаа помошта, објави белгискиот портал.
Естонскиот политичар, во документ на две страници објавен во неделата вечерта, побара од 27-те земји-членки на Унијата, меѓу другите барања, да најдат најмалку 1,5 милиони парчиња артилериска муниција. Двајца дипломати, од источна и северна Европа, истакнаа дека Калас не успеал да добие поддршка од големите земји како Франција пред да го претстави нејзиниот предлог.
Друго што дипломатите го држат против Калас е откажувањето на средбата на шефот на европската дипломатија и американскиот државен секретар Марко Рубио во Вашингтон на крајот на февруари во последен момент, поради, како што рекоа, лошата подготовка на средбата со американската страна.