Натпреварот помеѓу Ливерпул и Вулверхемптон на „Енфилд“ се претвори во емотивно збогување со Диого Жота. Првиот меѓусебен дуел на неговите два поранешни тима по неговата трагична смрт во јули, покажа дека фудбалот е многу повеќе од обична игра.
Децата на Диого го предводеа Ван Дајк
Најемотивниот момент се случи пред самиот почеток, кога синовите на Жота, Динис и Дуарте, заедно со други млади членови на семејството, истрчаа на теренот како маскоти. Тие го предводеа тимот на Ливерпул на чело со капитенот Вирџил ван Дајк, додека на трибината „Коп“ се развиори голем транспарент со ликот на Жота како го држи пехарот од Премиер лигата и порака: „Диого Жота, засекогаш во нашите срца“.
На трибините беше присутна и неговата сопруга, Рут Кардосо, за која ова беше прв Божиќ без својот сопруг.
Virgil with Diogo’s kids ❤️🩹 pic.twitter.com/AnX4OvZ36u
— The Redmen TV (@TheRedmenTV) December 27, 2025
Обединети во 20-та минута
Во 20-тата минута од натпреварот (бројот кој го носеше Жота), „Енфилд“ запре за момент. Навивачите на гостинскиот Вулверхемптон први почнаа да го скандираат неговото име, што беше прифатено со аплауз од целиот стадион. Потоа, домашните фанови ја запеаја познатата песна за Жота, а гостинските навивачи во знакот на почит аплаудираа во ритамот на песната.
Ван Дајк: „Тој телефонски повик никогаш нема да го заборавам“
Капитенот Вирџил ван Дајк, во емотивна колумна за „The Times“, се потсети на моментот кога ја дознал страшната вест за сообраќајната несреќа во која загинаа Диого и неговиот брат Андре Силва.
„Штотуку слетав во Велика Британија по семејниот одмор кога го добив повикот. Тоа е нешто што, за жал, никогаш нема да го заборавам. Беше многу, многу тешко за прифаќање. Шок за целиот свет. Во месеците потоа, се трудиш да бидеш тука за играчите, за персоналот, но особено за Рут и децата. Клубот заврши неверојатна работа, но не очекував ништо помалку бидејќи Ливерпул е клуб кој навистина се грижи. Најважното нешто беше неговото семејство и сè уште е“, напиша Ван Дајк.

Пораката на Арне Слот
Тренерот Арне Слот исто така истакна дека иако не е негово место да кажува каде се наоѓа утехата, тој се надева дека огромната љубов која Диого сè уште ја генерира ќе му донесе барем малку мир на семејството.
Жота остави неизбришлива трага во двата клуба со 44 гола за Вулверхемптон и 65 гола за Ливерпул, вклучувајќи ја и титулата во Премиер лигата минатата сезона. Неговиот дрес со број 20 сега е повлечен во Ливерпул, но неговото име ќе продолжи да се пее на секој натпревар.
