Манчестер Сити се врати на првата позиција во Премиер лигата по тешката, но заслужена победа на гостувањето кај Нотингем Форест (1-2). Херој на „граѓаните“ беше младиот Рајан Черки, кој со доцен погодок ја продолжи неверојатната серија на тимот на Пеп Гвардиола од осум последователни победи во сите натпреварувања.
Драма на „Сити Граунд“
Натпреварот започна со емотивно оддавање почит за легендата на домаќините, Џон Робертсон, а фудбалерите на Шон Дајч на теренот одговорија со фанатична борбеност. Првото полувреме помина во знакот на дефанзивниот бедем на Форест, каде Муриљо и Никола Миленковиќ делуваа речиси непогрешливо.
Сепак, отпорот беше скршен само три минути по стартот на вториот дел кога Тијани Рајндерс го совлада домашниот голман за 0-1. Но, радоста траеше кратко. Токму Рајндерс беше трагичар во 54-тата минута кога ја загуби топката пред својот казнен простор, а Омари Хачинсон го постигна својот прв гол во дресот на Форест за израмнување и делириум на трибините.
Магијата на Рајан Черки
Сити притискаше, Фил Фоден и Черки ги испробуваа рефлексите на Џон Виктор, кој во еден момент со помош на стативата спречи водство на гостите. Но, во 83-тата минута немаше спас. Черки прими топка на работ на шеснаесетникот и со прецизен удар го погоди самиот агол за конечни 1-2.
Форест напредува, но табелата е сурова
Иако Нотингем Форест под водство на Шон Дајч изгледа многу постабилно и поконкретно, ова е нивни втор пораз по ред. Домаќините заслужија бод со оглед на покажаното, но суровиот квалитет на Сити пресуди. Форест останува на 17-тото место, во опасната зона, додека Сити со оваа форма делува незапирливо во одбраната на титулата.