Екипите на Удинезе и Лацио ги поделија бодовите (1-1) во натпревар кој донесе мирен почеток, но неверојатно бурен и контроверзен крај. „Лацијалите“ беа на чекор до четврти меч по ред без пораз, но Кеинан Дејвис го шокираше тимот на Маурицио Сари во буквално последната секунда од мечот.
Среќен гол за водство на Лацио
Натпреварот во Удине понуди рамноправна борба во која Тијани Нослин беше најопасен по голот на 40-годишниот ветеран Даниеле Падели. Иако Лацио имаше повеќе од играта, до водство стигнаа на прилично чуден начин. Во 80-та минута, Матијас Весино упати удар од голема далечина кој веројатно немаше ниту да заврши во рамките на голот, но топката го закачи дефанзивецот Соле, го измами Падели и заврши во мрежата за 0-1.
Контроверзи во 95-та минута
Кога сите очекуваа крај и три бода за Римјаните, се случи клучниот момент. По еден обид на Николо Заниоло, топката го погоди неговиот соиграч Кеинан Дејвис (гостите рекламираа игра со рака), по што напаѓачот ја задржа топката, се намести и со прецизен удар во самиот агол донесе израмнување.
По долгата ВАР проверка за потенцијална игра со рака на стрелецот, судиите одлучија дека голот е регуларен. Веднаш по признавањето на погодокот беше свирен крај на мечот, што предизвика огромен револт кај фудбалерите на Лацио кои го опколија судијата, сметајќи дека се оштетени во последната акција.
На крајот, Удинезе по тешкиот пораз од Фиорентина (5-1) успеа да покаже карактер и да освои важен бод, додека Лацио останува во средината на табелата со горчлив вкус по денешното гостување.