Пред средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски доби уверенија за поддршка од западни челници.
Во саботата, Зеленски одржа видео-разговори со челниците на речиси десетина европски земји и Канада, заедно со високи претставници од Европската комисија и НАТО. И челнциите на Европската унија, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта учествуваа во разговорот со Зеленски, кои во саботата му ветија дека поддршката на Европската унија за Украина нема да се намали.
„Ги поздравуваме сите напори кон нашата заедничка цел, праведен и траен мир што го зачувува украинскиот суверенитет и територијален интегритет“, објави на Х претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„И ова ги зајакнува безбедносните и одбранбените капацитети на земјата, како составен дел од безбедноста на нашиот континент. Во 2026 година, Европската комисија ќе продолжи да врши притисок врз Кремљ, да ја одржува својата поддршка за Украина и интензивно да работи за да ја придружува Украина на нејзиниот пат кон членство во ЕУ“, уверува фон дер Лајен.
Кошта, претседател на Европскиот совет кој ги претставува 27-те земји-членки на блокот, исто така, вети дека ќе продолжи да ја поддржува Украина, објавувајќи на X: „Поддршката на ЕУ за Украина нема да ослабе. Во војната, во мирот, во обновата“.
Кошта се закани дека ЕУ е подготвена да воведе дополнителни санкции врз Русија доколку е потребно. Ги наведе потезите на ЕУ, коишто, како што тој тврди, „ја направија Украина посилна“; вклучително и „проширувањето на санкциите против Русија, со дополнителни мерки доколку е потребно“.
„Силна и просперитетна Украина во ЕУ е клучна безбедносна гаранција. Ние продолжуваме да работиме за робустен и траен мир за Украина, во тесна соработка со нашите американски партнери“, додаде Кошта
Портпаролот на германската влада рече дека европските челнци му дале на Зеленски „целосна поддршка и ја нагласиле својата посветеност да продолжат да соработуваат тесно со САД за да постигнат одржлив и праведен мир во Украина“. Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја свикал телефонската конференција на барање на Зеленски, рече портпаролот.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Европејците мора целосно да бидат вклучени во дискусиите што ги засегаат, според официјални лица во Елисејскиот дворец. Макрон треба да биде домаќин на уште еден состанок на таканаречената Коалиција на волните – група земји кои ветија силна воена поддршка за Киев во Париз во јануари, вклучително и испраќање трупи.
Западна Европа внимателно го следи одењето на Зеленски, кој се сретна со канадскиот премиер Марк Карни во Халифакс во саботата, на разговори со Трамп во Палм Бич, на Флорида, в недела. Белата куќа соопшти дека билатералната средба ќе се одржи во 15 часот по локално време.
Зеленски ги истакнува „црвените линии“
Зеленски рече дека за време на разговорите ќе стави до знаење дека Киев нема да прифати капитулација или мир диктиран од Москва.
„Секако, постојат црвени линии за Украина и украинскиот народ“, рече тој во изјава објавена на социјалните мрежи пред состанокот.
Зеленски постојано ги отфрла барањата на Русија, кои исто така ги спомена Трамп, Украина да отстапи територија што моментално не е под руска контрола, но рече дека Киев изнесе „компромисни предлози“ за нерешени територијални прашања.
Зеленски рече и дека планира да разговара со Трамп за рамката од 20 точки за можен мировен план што го презентираше претходно оваа седмица, додавајќи дека безбедносните гаранции ќе бидат централен дел од секое прекин на огнот за заштита на Украина од понатамошни руски напади.
Зеленски рече дека секојдневните напади на Русија покажуваат дека нема интерес за мир и ќе изврши притисок врз Трамп да испорача дополнителни системи за воздушна одбрана, велејќи дека на Украина ѝ се потребни повеќе ракети за да се спротивстави на нападите со беспилотни летала и ракети.
Додаде дека се во тек натамошни разговори со европските партнери за безбедносни гаранции и ја поздрави одлуката на Европската унија да обезбеди дополнителна финансиска поддршка во форма на заеми од повеќе милијарди долари. Сепак, финансиските празнини остануваат, особено во производството на оружје и беспилотни летала, рече тој.
Русија не учествува во разговорите во Палм Бич, а Зеленски рече дека мирот не е можен без договор со Москва.
Зеленски откри дека има намера да разговара за натамошни инвестиции во повоената обнова на Украина со Трамп, додавајќи дека обновата на земјата ќе бара создавање на наменски фондови и финансирање во вредност до 800 милијарди долари. Зеленски се надева дека со таквата понуда ќе ја придобие наклонетоста на американскиот претседател, за кого во Брисел надвладува мнението дека приоритет му се договорите со финансиска полза за САД.