
Естонскиот парламент го одобри уставниот амандман со кој се отстранува правото на глас на локалните избори за граѓаните кои не се државјани на Европската унија, главно за граѓаните на Русија и Белорусија.
Оваа одлука на балтичката земја произлегува од безбедносни причини и потребата да се ограничи руското влијание, имајќи предвид дека таму живеат повеќе од 83.000 руски државјани, наведува естонскиот јавен сервис ERR News.
Собранието го поддржа предлогот на Уставниот комитет за итна измена на Уставот. Забрзаната постапка за измена на Уставот ја поддржаа 92 од вкупно 101 пратеник, а седум гласаа против. За одлуката да биде одобрена беше неопходно мнозинство од педесет и четворица од присутните пратеници, што значи најмалку четири пати повеќе гласови за отколку против.
На конечното гласање, предлогот за измени на Уставот на Естонија, кој беше инициран од 61 пратеник, беше усвоен како закон со 93 гласа за и седум против. За одобрување на уставните амандмани беше потребно двотретинско мнозинство од целосниот парламент или најмалку 68 гласа.
Оригиналната верзија на законот ќе им овозможи на естонските граѓани, жителите без државјанство и граѓаните на земјите-членки на Европската унија и НАТО да имаат право да гласаат на локалните избори. Но, со денешното гласање во парламентот, предложениот амандман, поддржан од 55 пратеници, беше додаден во предлог-законот, со кој се симнува правото на глас на локалните избори за државјаните на трети земји кои живеат во Естонија, а почнувајќи од следните избори и за лицата без државјанство.
Според амандманот, на жителите без државјанство ќе им биде дозволено да гласаат на локалните избори годинава. Според авторите на предлогот, ова им дава доволно време да аплицираат за естонско државјанство доколку сакаат да учествуваат на претстојните локални избори како естонски државјани. Оваа промена ги отстранува изборните права за граѓаните на земјите членки на НАТО.
Поради оваа причина, овогодинешните локални избори ќе бидат отворени за граѓаните на Естонија и ЕУ, како и за лицата без државјанство. Почнувајќи од следните локални избори, право на глас ќе имаат само граѓаните на Естонија и ЕУ.
Друг амандман, поднесен од 26 пратеници, не доби доволна поддршка во целото собрание. Со овој предлог ќе се отстрани правото на глас за државјаните на трети земји и лицата без државјанство од локалните избори во октомври оваа година.
Според важечкиот закон, на локалните избори, освен државјаните на Естонија и ЕУ, можат да гласаат и странски државјани кои живеат во Естонија со дозвола за долготраен престој или право на постојан престој, под услов да имаат најмалку 16 години на денот на изборите и да имаат постојан престој во соодветната општина или град.