
Во Белата куќа синоќа беше организиран традиционален ифтар, чиј домаќин беше американскиот претседател Доналд Трамп, кој исто така одржа говор за време на вечерата.
Тој им се заблагодари на присутните за нивното учество, издвојувајќи ги муслиманите кои имаат функции како градоначалници и го поддржаа за време на претседателските избори.
Меѓу гостите беа и градоначалникот на Хамтрамк, Амер Галиб, кого 78-годишникот го избра за нов амбасадор на САД во Кувајт, и градоначалникот на Дирборн Хајтс, Бил Бази, кој ќе биде амбасадор во Тунис.
„Додека го почитуваме светиот исламски месец Рамазан, сакам да започнам со обраќање до нашите пријатели муслимани – имаме многу овде вечерва, и мислам дека имаме многу низ светот, врз основа на резултатите во Мичиген и други места – но сакам да се поздравам со сите оние кои толку силно не поддржаа. Рамазан Мубарак“, рече Трамп.
Тој зборуваше и за американскиот ангажман на Блискиот Исток, каде Израел ги обнови операциите во Појасот Газа.
„Ги исполнуваме нашите ветувања за муслиманската заедница. Мојата администрација води неуморна дипломатија за да создаде траен мир на Блискиот Исток, надоврзувајќи се на историскиот Абрахамски договор, за кој сите мислеа дека се невозможни. Сега, ќе почнеме да ги спроведуваме“, рече американскиот лидер.
47-от американски претседател, исто така, додаде дека „луѓето во оваа соба би го сакале“ она што тој го направил со неколку извршни наредби, наведувајќи ги одлуките за трансродовите лица.
Трамп им се заблагодари и на амбасадорите на земјите со мнозинско муслиманско население кои беа присутни на овој ифтар.
„Со нетрпение очекувам да работам со моите пријатели муслимани за посветла иднина и мислам дека заедно ќе направиме големи работи. Ќе напредувате како никогаш досега, а во Белата куќа имате некој што ве сака“, го заврши својот говор.