Во последниот натпревар од 15. коло на Првата македонска фудбалска лига, Шкендија ја оправда фаворитската улога и славеше минимална, но значајна победа над Работнички со 1-0 во Тетово.
Со овој триумф, „црвено-црните“ се вратија на победничките патеки по двата врзани порази (од Арсими и Дрита), додека „романтичарите“ продолжија да тонат на дното на табелата.
Натпреварот беше решен уште во раната фаза. Во 5. минута, Трумчи и Ибраими одиграа прекрасна акција по десната страна, а Фабрис Тамба мајсторски реализираше за 1-0. Ова беше петти гол за младиот Сенегалец во ПМФЛ оваа сезона.
Промашувања и поништен гол
Шкендија можеше да слави и поубедливо. Ибраими имаше зицер во 25. минута, но Мециновиќ спаси од гол-линијата. Во второто полувреме, Тамба повторно ја затресе мрежата, но голот беше поништен поради игра со рака. Работнички имаше свои шанси преку Имери и Кадриу, но голманот Гаје беше на висина на задачата.
Беќири: „Страдавме до крај“
Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, е задоволен од бодовите, но не и од реализацијата.
„Кога не ги користите можностите, станува комплицирано. На крајот стравувавме од реми, но најважно е дека победивме. Тимот може да дише полесно“, изјави Беќири по мечот.
Шкендија останува на третото место со 33 бода (6 помалку од лидерот Вардар), додека Работнички е „закован“ на претпоследното место со само 7 бода.