Бугарските банки, претпријатијата и потрошувачите се подготвуваат оваа седмица да се откажат од својата валута левот и да го усвојат еврото на 1-ви јануари, долгоочекувана пресвртница што предизвикува возбуда, недоверба и, во некои случаи, гнев во земјата, пишува Reuters.
Бугарија, земја на Црното Море на југоисточната граница на Европската унија, ќе стане 21-та земја што ќе се приклучи на еврозоната откако ќе ги исполни формалните услови оваа година, вклучувајќи ги инфлацијата, буџетскиот дефицит, долгорочните каматни стапки и стабилизацијата на девизниот курс.
Усвојувањето на новата валута од страна на Бугарија доаѓа откако Хрватска се приклучи на еврозоната во јануари 2023 година, со што бројот на Европејци што го користат еврото достигна повеќе од 350 милиони. Покрај користењето на банкноти и монети од еврото, станувањето членка на еврозоната значи и место на масата во Управниот совет на Европската централна банка, кој ги одредува каматните стапки.
Иако последователните бугарски влади се залагаа за усвојување на еврото откако се приклучија на Европската унија во 2007 година, анкетите покажуваат дека балканската земја со 6,7 милиони луѓе е остро поделена по ова прашање, при што сопствениците на компанниите главно се наклонети на чекорот.
Сомнежи кај Бугарите
Многумина сметаат дека тоа ќе ги зголеми цените или се сомничави кон политичкиот естаблишмент во земјата со оглед на кризата што доведе до оставка на владата овој месец поради протестите против предложените зголемувања на даноците.
Во земја со длабоки историски, културни и политички врски со Русија, многумина се претпазливи да се врзат повеќе за Европа.
„Јас сум против тоа. Прво, затоа што левотот е нашата национална валута. Второ, Европа се движи кон пропаст, што дури и американскиот претседател (Доналд Трамп) го спомена во својата нова стратегија за национална безбедност. Можеби не сум жив кога ќе се случи тоа (колапсот на ЕУ), но сѐ оди во тој правец“, изјавил за Reuters Емил Иванов, пензионер од Софија додека пазарел.
Бизнисите се подготвуваат
Некои политички аналитичари рекоа дека рекламната кампања за новата валута била слаба и дека постарите луѓе, особено во оддалечените области, ќе се мачат да се прилагодат. Велат дека немањето стабилна влада може дополнително да ја искомплицира промената на валутата.
Во секој случај, на улиците и во продавниците во Софија, компаниите се подготвуваат. Цените за сè, од овошје до шишиња вино, се прикажани и во лева и во евра.
Плакатите платени од владата го прикажуваат курсот за конверзија на валута со пораката: „Заедничко минато. Заедничка иднина. Заедничка валута“. Телевизиските реклами, исто така, го привлекоа вниманието кон претстојната промена.
Некои го поздравија овој потег. „Не само постарите луѓе, туку и младите можат слободно да патуваат користејќи го еврото, наместо да мора да менуваат валута“, вели Веселина Апостовлова, пензионерка која пазарува во Софија.
Компаниите коишто продаваат стоки во странство, исто така, ја поддржуваат промената.
Наталија Гаџева, сопственичка на винаријата „Драгомир“, за Reuters изјави: „За мене, најважно е сите операции што вклучуваат конверзија на валута и повторно издавање фактури во евра, а потоа и во лева, да бидат отстранети“.