Од Кабинетот информираат дека на дебатата импресионирала критичката мисла и самосвест на мнозина студенти и ученици, кои посочиле низа примери на дискриминација на Ромите по сите основи, ги детектирале најголемите проблеми со кои се соочуваат, а воедно предложиле излезни решенија.
Честитајќи им го претстојниот Меѓународен ден на Ромите, претседателката Сиљановска-Давкова на младите Роми им порача дека Кабинетот, како заеднички граѓански дом е соодветно место за одбележување на овој најзначаен ромски празник.
Таа им порача на присутните да бидат горди на својата етничка припадност, со оглед на докажаната креативност, скромност, способност и адаптибилност, што ги прави посебни.
Најважно, според неа е, најдобрите Роми да се најдат на соодветните позиции, како доказ дека знаењето, умот и посветеноста се наградуваат без оглед на припадноста по било кој основ.
Во пресрет на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, вчера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се одржа дебата на тема „Предизвиците со интеграцијата на Ромите низ призма на младите“.
Младите го посочиле се уште актуелниот проблем со лицата „фантоми“, односно луѓето коишто се уште немаат лични документи и се оневозможени во остварувањето на правото на образование и здравствена заштита, а се соочени и со низа административни пречки во секојдневното функционирање.
Според претседателката Сиљановска-Давкова, нашиот модел на решавање на статусот на Ромите во државата може да биде наш цивилизациски придонес кон ЕУ.
Кога е во прашање решавањето на ромското прашање, сепак, претседателката, но и некои дискутанти ја посочиле нашата држава како позитивен пример, навраќајќи се на уставниот статус на Ромите, формирањето општина со доминантно ромско население во кое ромскиот јазик е службен јазик, политичкиот ангажман на Ромите преку формирање ромски политички партии, стекнувањето градоначалнички, пратенички и други функции, вложување во образованието и културата, стимулирањето на граѓанскиот центар.
Претседателката, како што се наведува во соопштението, ги охрабри да дадат свој придонес во натпреварот на сите полиња, посочувајќи примери на успешни Роми, со цел да креираат автентична слика за нив, оти, наративот на другите за Ромите се темели на нивната перцепција, што не е имуна на непознавање, конструкција, па и предрасуди.
На дебатата било укажано на многу предизвици, како проблемот со изучувањето на ромскиот јазик како мајчин јазик и како уставно загарантирано право. За претседатеката, формирањето на Катедра за ромски јазик ќе придонесе за создавање педагошки кадар за ромски јазик.
Сиљановска-Давкова на дебатата потсетила дека афирмативната акција во случајот на Ромите е особено важна со оглед на изразената ранливост на оваа категорија македонски граѓани.
Во дебата се актуелизирала потребата од итно формирање на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите, како и запазување на застапеноста на Ромите во Комитетот за односи меѓу заедниците преку што поскоро именување членови од редот на заедниците што немаат пратеници во Собранието од страна на Народниот правовобранител.
На дебатата била укажана и на потребата од основање на Ромски културен дом, пристоен здравствен дом, културно – уметнички и спортски друштва, библиотека.
За гостите, како што се наведува во соопштението, нискиот квалитет на здравствените услуги коишто ги добиваат Ромите, со оглед на хроничниот недостиг на медицински кадар во Шуто Оризари е загрижувачки.
Учесници во дебатата, како што соопштија денеска од Кабинетот на претседателката, беа ученици и студенти, припадници на ромската заедница. Дебатата ја водеше Доан Сулејмановски, директор на средното училиште „Шаип Јусуф“, член на Советот за млади и член на Комисијата за помилување.