Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим разговараат за можноста за стекнување на Гренланд, а користењето на американската војска за постигнување на таа цел „секогаш е опција“, соопшти Белата куќа во вторникот.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека стекнувањето на Гренланд е приоритет за национална безбедност за Соединетите држави и дека е клучно одвраќањето на нашите противници во арктичкиот регион“, соопшти Белата куќа во писмена изјава на прашање на Reuters.
Американците имаат воена база на островот уште од Втората светска војна. На половина пат меѓу Москва и Њујорк, базата Питуфик е најсеверната станица на американските вооружени сили и е опремена со систем за рано предупредување за ракетен напад.
„Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за постигнување на оваа важна цел на надворешната политика и, секако, користењето на американската војска е секогаш опција достапна на врховниот командант“, се додава во изјавата.
Гренланд и данската влада претходно во вторникот побараа итни разговори со Соединетите држави откако Доналд Трамп ги обнови барањата за анексија на арктичкиот остров, автономна данска територија.
Нук и Копенхаген побараа итен состанок со американскиот државен секретар за „да се разговара за значајните изјави на Соединетите држави во врска со Гренланд“, напиша на Facebook министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд.
Порано истиот ден, Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Обединетото Кралство издадоа заедничка изјава во која изразија поддршка за Данска во однос на барањата на Трамп за Гренланд.
Нордиските министри за надворешни работи, исто така, нагласија во заедничка изјава дека прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд треба да ги одлучат единствено Данска и Гренланд.
Во Париз, каде што присуствуваше на собир на таканаречената „Коалиција на волните“ за воена поддршка на Украина, данската премиерка Мете Фредериксен го поздрави искажувањето солидарност.
Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен, исто така, им се заблагодари на европските челнции за нивната „недвосмислена поддршка“. Гренланд постојано повторува дека не е на продажба и дека ќе одлучи за својата иднина.
Веднаш по грабнувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадури во операција на американските специјални сили во Каракас, Доналд Трамп и неговите помошници во бројни прилики ја изразија својата намера да го стават огромниот арктички остров, со население од 57.000 луѓе, под американски суверенитет. Станува збор за дамнешна идеја на Вашингтон, која датира од пред повеќе од еден век, а Трамп ја заживеа уште во неговиот прв мандат во Белата куќа.