Божик е ден кога тишината зборува погласно од зборовите. Ден кога се потсетуваме на она што навистина нè држи заедно: семејството, верата, солидарноста и меѓусебната почит.
Христовото раѓање нè враќа кон суштинските вредности што со векови го обликувале карактерот на нашиот народ. Божик нè потсетува дека силата на едно општество започнува во домот, дека стабилната држава се гради врз здрави семејства и дека иднината ја чуваме преку грижата за најмладите, порача премиерот Христијан Мицкоски во својата божикна честитка.
Тој повика на враќање на вредностите што нè одржале, на грижа за децата и за семејствата.
„Во време на брзи промени и многу предизвици, овој празник нè повикува да застанеме, да размислиме и да се вратиме кон вредностите што нè одржале: солидарноста, заемната грижа и одговорноста кон ближниот.
Посебно место имаат семејствата и децата. Грижата за семејствата е грижа за иднината на Македонија. Децата заслужуваат сигурност, внимание, воспитување и средина во која ќе растат со јасни вредности, чувство на припадност и надеж.
Нашата обврска е да создаваме услови во кои секое дете ќе има шанса за достоинствен живот, а секое семејство поддршка и почит“, порача премиерот.
Божиќ е и потсетник за важноста на единството. Само како заедница што се почитува, се слуша и си помага, можеме да одговориме на предизвиците и да градиме стабилна, праведна и сигурна држава, нагласува тој.
„На сите православни христијани им посакувам мир во домовите, здравје и спокој во семејствата и сила да продолжиме уште посилно, со одговорност и со достоинство.
Христос се роди!“, честита премиерот Мицкоски.