Здружението на тениски професионалци (АТП) во четвртокот објави дека ќе го намали бројот турнири за бодување од 19 на 18, а најдобрите 30 играчи од минатата сезона во новата ќе имаат обврска да настапат на четири а не на пет АТП 500 турнири.
Раководството на АТП Турот сака да го олесни товарот врз играчите, кои со години се жалат на пренатрупаниот календар на натпревари, иако не пропуштаат егзибициски натпревари со богат награден фонд.
Дополнително, АТП ќе им го олесни на повредените играчи надоместувањето на изгубените поени ако пропуштат два последователни турнира за кои важи автоматско учество според нивната ранг-листа (Мастерс 1000 и Гренд слем). До оваа сезона, тенисерите не можеа да ги менуваат бодовите од овие турнири за од некој друг, а ова ќе биде можно од оваа сезона. Така, до трипати во сезона пропуштените турнири (само Мастерс 1000) ќе можат да се заменат со бодови освоени на турнири од пониска категорија, објави АТП.
Одделно, играчите кои ќе одлучат да пропуштат турнир од Мастерс 1000 или АТП 500 поради раѓање или посвојување дете ќе можат да го сторат тоа без нивниот резултат за тој турнир да биде евидентиран како нула.
Имајќи ја предвид благосостојбата на играчите, АТП одлучи да примени нови правила за играње во елиминациска фаза на сите турнири под нејзина надлежност, со јасен протокол за прекинување или прилагодување на натпреварите во екстремни услови.
Во споредба со календарот на АТП турнејата од минатата сезона, воведена е промена дека во иднина, поените од турнирите што ќе се играат меѓу Мастерс турнирот во Париз и АТП финалето во Торино, кои во 2025 година беа турнирите во Атина и Мец, ќе бидат пренесени во следната сезона.
Минатата година од сите АТП турнири се бараше да воведат електронско судење наместо линиски судии, а почнувајќи од оваа сезона ќе се прошири и употребата на „видео предизвици“ за одлуките донесени од главните судии. Во 2025 година, играчите можеа да го прават ова само на турнирите Мастерс 1000, а почнувајќи од оваа година, системот ќе биде достапен и на турнирите АТП 500, без оглед на подлогата. Од 2027 година, АТП планира да ја примени оваа технологија на турнирите АТП 250.