Во земјава утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.), гласи прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20 см, а во останатите места од 5 до 10 см.
Во Скопје утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и од снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и в недела, кога ќе дува засилен северен ветер.
