Цените на нафтата скокнаа на меѓународните пазари кон 64 долари во петокот, бидејќи немирите во Иран и неизвесноста околу американскиот план за барелите од Венецуела повторно ги воведоа ризиците за снабдување во пресметките на инвеститорите.
На лондонскиот пазар, со барелот се тргуваше за 1,89 долари повисока цена од вчерашното затворање на тргувањето, од 63,88 долари. На американскиот пазар, барелот поскапе за 1,95 долари на 59,71 долари.
Засебните пресметки од Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) покажаа дека барел од нејзината референтна кошничка сурова нафта во четвртокот поскапел за 25 центи, на 58,76 долари.
Расположението на пазарите беше обележано со насилните безредија во Иран на крајот од седмицата. Кон крајот на декември, малите трговци го изразија своето незадоволство поради високата инфлација и остриот пад на иранскиот риал, а протестите подоцна се проширија на универзитетите и помалите градови, со скандирања промонархистички и антивладини пароли. Оваа седмица повеќе џамии, јавни и државни згради и возила беа запалени, а новинската агенција Tasnim oбјави дека синоќа биле убиени неколку полицајци и припадници на Револуционерната гарда. Државната телевизија прикажа снимки од судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Немирите не мобилизираа толку многу слоеви на општеството како во претходните години, но властите сега изгледаат поранливи поради тешката економска состојба и последиците од минатогодишните напади од страна на Израел и САД, забележува Reuters.
Кина е главен купувач на иранска нафта, а податоците од минатата година покажаа дека многу барели веќе биле складирани на танкери покрај брегот на Азија.
Потенцијалните прекини во снабдувањето од Иран дојдоа по неизвесностите околу американските планови за нафта од Венецуела.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави откако ја нападна Венецуела пред една седмица и го грабна претседателот Николас Мадуро, дека САД ќе ја преземат контролата врз продажбата на венецуелска нафта.
Државната компанија PDVSA објави дека преговара со САД за испораки, истакнувајќи дека барелите ќе бидат испорачани „во соодветен период“, по „меѓународни цени“.
Во меѓувреме, Трамп се обидува да ги убеди домашните нафтени гиганти што е можно поскоро да се вратат во Венецуела и да инвестираат големи суми во инфраструктура. Белата куќа ги покани раководителите на нафтените компании на состанок во петок, а европските трговски куќи „Trafigura“ и „Vitol“ веќе посочија дека сакаат да продаваат венецуелска нафта.
Во меѓувреме, американските вооружени сили запленија петти танкер со венецуелска нафта во карипскиот регион, сигнализирајќи дека Вашингтон не се откажува од блокадата на снабдувањето.
Индиската рафинерија „Reliance Industries“, од друга страна, побара од САД повторно да го одобрат купувањето нафта од Венецуела, соопштија два информирани извори во петокот.
PDVSA испорача четири пратки нафта на „Reliance Industries“ во првите четири месеци од 2025 година, со американска лиценца, според интерните документи. Вашингтон ги суспендираше повеќето лиценци за странските партнери на венецуелската нафта во март и април и им се закани со царини.