Осумнаесетгодишникоткој во петокот напладне смртно прегази возрасна жена во скопската населба Капиштец, без да поседува возачка исправа го управувал автомобилот со голема брзина и во спротивна лента по улицата „Народен фронт“ претркувајќи друго возило, а откако се случил инцидентот незапирајќи се побегнал од местото, а потоа со татко му и други блиски пребегал во соседна Србија, покажуваат првичните наоди на истрагата.
Претходно во саботата беше објаведно дека СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со вчерашната сообраќајна несреќа на улицата „Народен фронт“ во скопската населба Капиштен, осумнаесетгодишниот С.С со автомобил „фолксваген пасат“ ја удри 70-годишната Љ.Ј. , која почина од здобиените повреди, а возачот со возилото избега од местото на настанот.
Сообраќајката се случи околу 11.30 часот, а жртвата веднаш со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, за укажување лекарска помош.
Како што објави НетПрес во петокот, жената живеела во непосредната близина, а излегла да фрли ѓубре, неочекувајќи дека ќе стане жртва на безобѕирен возач, кој потоа воопшто не запрел и избегал од местото на трагедијата.
Подоцна во саботата беше известено дека Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за –„Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело“.
Според Обвинителството, осомничениот 18-годишник управувајќи го автомобилот не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
Имено, по улицата „Народен фронт” управувал автомобил „фолскваген пасат’’ и со возилото „извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови“.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да ѝ укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување.