Бројот на политички затвореници ослободени од Венецуела се зголеми на 18, меѓу кои се и лица со шпанско и италијанско или со двојно државјанство, соопштија групите за човекови права во саботата, во споредба со девет во петокот попладнето, а седмица откако американските специјалци го грабнаа претседателот Николас Мадуро во главниот град е мирно но тензично, според жителите на Каракас.
Ослободувањето на стотици политички затвореници во јужноамериканската земја со години го бараат групите за човекови права, меѓународните тела и опозициските политичари, вклучувајќи ја и добитничката на Нобелова награда за мир Марија Корина Мачадо, чии неколку блиски соработници се затворени.
Американскиот претседател Доналд Трамп, и венецуелскиот пратеник Хорхе Родригез, брат на привремената претседателка Делси Родригез, изјавија дека ослободувањето е гест на помирување. Трамп објави на социјалните мрежи дека го откажал вториот бран напади врз Венецуела откако јужноамериканската земја почнала да соработува.
Ослободувањето на затворениците ја заокружува седмицата на големи промени во Каракас: нападот на САД врз Венецуела, шокантното киднапирање на претседателот Николас Мадуро, неговото изведување пред суд во Њујорк по обвинение за наводен „наркотероризам“, положувањето заклетва на Делси Родигез и најавата дека САД ќе преработат и продадат 50 милиони барели венецуелска сурова нафта.
Нема официјален список за тоа колку точно затвореници ќе бидат ослободени или кои се тие. Локалната група за човекови права „Foro Penal“ проценува дека во земјата има 811 политички затвореници, вклучувајќи повеќе од 80 странци, вклучувајќи двајца од САД и еден со престој во САД.
Истовремено, една седмица откако САД ги грабна венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга, животот во главниот град Каракас се враќа во нормала, но забранети се јавните собири и поддршката за американскиот нападот врз Венецуела на која се радуваат приврзаниците на опозицијата.
Владата не воведе полициски час, нема војска на улиците ниту редици пред продавниците, но жителите се во состојба на готовност. На сила е декрет што ѝ дозволува на полицијата да го притвори секој што го слави нападот на САД врз Венецуела, а правото на јавни собири и протести е суспендирано.
Владејачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела повика на „голем национален марш“ за саботата, барајќи ослободување на Мадуро и неговата сопруга.
По американската акција, власта во земјата ја презеде потпретседателката на Мадуро, Делси Родригез. Владата во Каракас во петокот објави дека „одлучила да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“.