Американската вселенска агенција NASA објави нова снимка од меѓуѕвездениот објект 3I/ATLAS, која ги доведе во прашање постојните модели на однесување на кометите, според објавата на истражувачите од Allday Astronomy на платформата за социјални медиуми X.
„На прв поглед, снимката изгледа вообичаено, речиси познато – сè додека ситуацијата не се промени. Она што првично изгледа како темен меѓуѕвезден дојденец надеднаш се открива како организирана структура свртена кон Сонцето, што е во спротивност со претпоставките што лежат во основата на долгогодишните модели за кометите“, објави списанието.
Се нагласува дека ова не е шпекулација, туку прашање што го покренале податоците објавени од NASA.
Меѓуѕвездениот објект 3I/ATLAS беше откриен на 1-ви јули ланската 2025 година. Научниците подоцна утврдија дека станува збор за комета од друг ѕвезден систем. Неговата кома (облак од гас и прашина што го опкружува јадрото) е со дијаметар од приближно 24 километри. Компјутерскиот модел ја процени нејзината возраст на над седум ипол милијарди години – три милијарди години постара од Сонцето. Можеби е најстарата комета некогаш забележана.
Невообичаениот вселенски настан, предизвика жестока научна расправа во којашто дури беше спомената тезата дека станува збор за вештачки вонземски вселенски објект, но главно научниците се согласни дека 3I/ATLAS е комета.
Ланскиот септември, научникот од Универзитетот Харвард, Абрахам „Ави“ Лоуб , објави дека меѓуѕвезден објект што минува низ Сончевиот систем претрпел „аномална еволуција“, почнувајќи да ја менува бојата.
Во декември, пак, Лоеб објави дека новите слики од меѓуѕвездениот објект 3I/ATLAS откриле два млаза. Тој верувал дека тие емитираат од различни страни на објектот. Тоа би укажало дека по минување низ перихелот, активноста на „вонземскиот брод“ се променила во споредба со неговото однесување пред да ја помине својата најблиска точка до Сонцето.
Според друга теорија, млазевите би можеле да бидат од едната страна на 3I/ATLAS свртена кон Сонцето, но нивните честички се разликуваат според величината и реакцијата на сончевото зрачење.