Тројца скијачи загинаа во одделни лавини во француските Алпи во неделата, само ден откако уште три лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин на возраст од околу 50 години бил затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека во потрагата биле вклучени 52 спасувачи, кучиња трагачи и хеликоптер, дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат човек под 2,5 метри снег, но немало спас.
Во блискиот Куршевел, уште едно лице било затрупано од лавина и пронајдено мртво во доцните утрински часови, се вели во извештаите.
Регионалниот дневен весник Le Dauphiné libéré, исто така, објави неколку повредени скијачи и сноубордери во скијачките центри Тињ и Орел.
Според медиумските извештаи што се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорсен, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од патеката кога лавината го отфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савоја, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „исклучително внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.