Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја избра компанијата „Оне Македонија телекомуникации“, подружница на унгарската групација 4iG, како најповолен понудувач на тендерот за трет мобилен оператор во земјава. Со одлуката, започна да тече рок од 10 дена за уплата на еднократниот надомест за трите фреквенциски опсези што се доделуваат преку постапката, во вкупен износ од 8.020.003 евра.
Според информациите од АЕК, почетните вредности на радиофреквенциите биле утврдени на 4,2 милиони евра за одобрението А1, 1,5 милион евра за одобрението Б1 и 2,32 милиони евра за одобрението C1. По извршената уплата, компанијата ќе може да го добие одобрението и, теоретски, веднаш да започне со обезбедување услуги преку пристап до мрежите на постојните оператори, додека паралелно ја гради сопствената инфраструктура.
Очекувањата од пазарот се дека влезот на нов мрежен оператор ќе донесе посилна конкуренција и поголем притисок врз цените и пакетите, особено во мобилниот интернет и понудите за домаќинства и бизниси. Во тендерските услови, носителот на одобрението има обврска да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од една година од денот на стапување во сила на одобрението, а претходно беше најавено и дека новиот оператор треба да почне со работа до крајот на 2026 година.