Швајцарскиот суд го продолжи притворот на Жак Морети, сопственик на бар во луксузното скијалиште Кран-Монтана, каде на Новогодишната вечер во пожар загинаа 40 лица, претежно тинејџери. Ова го соопшти швајцарската телевизија SRF.
Сопственикот и неговата сопруга, Џесика, биле сослушани од обвинителите на кантон Валис, а судот одлучи дека Морети останува во притвор додека трае истрагата. Парот изразил тага поради трагедијата и најавил целосна соработка со истражните органи.
Обвинителството ги товари за „убиство од небрежност, нанесување телесни повреди од небрежност и подметнување пожар од небрежност“.
Првичните резултати од истрагата покажуваат дека пожарот избувнал поради користење на прскалки, кои го запалиле звучниот изолационен материјал на таванот во подрумот на барот. Џесика Морети потврди дека во барот редовно користеле прскалки при сервирање на вино.
Истрагата сè уште проверува дали во барот имало соодветни апарати за гаснење пожар и дали излезите од објектот биле во согласност со безбедносните прописи.