Техеран во понеделник соопшти дека е во преговори со Соединетите држави, за кои претседателот Доналд Трамп рече дека разгледуваат „силен одговор“ на жестокото задушување на протестите кои прераснаа во смртоносни и уривачки безредија во Иран, што претставува една од најопасните закани за верските лидери од Исламската револуција во 1979 година
Трамп во неделата изјави дека САД би можеле да закажат состанок со иранските претставници и дека се во контакт со иранската опозиција, додека го зголемуваат притисокот врз иранските лидери, вклучително и заканите за можна воена акција поради смртоносното задушување. Иако воздушните напади се една опција, „дипломатијата е секогаш првиот избор на претседателот“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролајн Ливит, за новинарите во понеделник.
„Она што го слушате јавно од иранскиот режим е сосема различно од пораките што администрацијата ги добива приватно и мислам дека претседателот е заинтересиран да ги разгледа тие пораки“, рече таа.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, рече дека Техеран ги проучува идеите предложени од Вашингтон, иако тие се „некомпатибилни“ со заканите на САД. „Комуникацијата меѓу (специјалниот претставник на САД, Стив) Виткоф, и мене продолжи пред и по протестите и сè уште трае“, изјави тој за телевизијата Al Jazeera.
Претходно во понеделникот Аракчи истакна дека Иран поседува документи што го докажуваат учеството на САД и Израел во „терористичките активности на бунтовниците“.
„Имаме огромен број документи што ја докажуваат вмешаноста и на САД и на Израел во терористичките акции од последните денови во Иран“, рече тој на состанокот со шефовите на странски дипломатски мисии во Техеран кој беше емитуван на иранската државна телевизија.
„Исламската Република Иран не бара војна, но е целосно подготвена за војна“, одговори иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во понеделник за време на конференцијата на странски амбасадори во Техеран, емитувана на државната телевизија.
„И ние сме подготвени за преговори, но овие преговори мора да бидат фер, со еднакви права и засновани на меѓусебно почитување“, додаде тој.
Иранскиот министер за надворешни работи додаде дека поранешниот државен секретар на САД, Мајк Помпео, „исто така признал дека агентите на Мосад (изралеската тајна служба), заедно со бунтовниците, го воделе ова терористичко движење“. „Ќе го истражиме ова прашање, а оние што придонесоа за зголемување на жртвите со своите изјави ја сносат одговорноста за овие настани“, изјави дипломатот.
„Западните земји, наместо да ги осудат терористите, ја осудуваат нашата полиција. Тие не го осудија геноцидот на над 70.000 луѓе во Појасот Газа и смртта на над 1.000 ирански граѓани од рацете на САД и Израел, а сепак денес ги поддржуваат терористите во Иран“, нагласи Аракчи.
Во неделата навечер, владата прогласи тридневна национална жалост за „мачениците на отпорот“, осврнувајќи се особено на убиените безбедносни сили. Иако властите велат дека ги разбираат економските барања на демонстрантите, тие сè повеќе ги осудуваат „бунтовниците“ за кои велат дека биле испратени од странски сили, првенствено од САД и Израел.
Претседателот Масуд Песекијан го повика населението да учествува на „марш на отпорот“ низ целата земја во понеделник за да го осуди насилството за кое вели дека го вршат „урбани терористички криминалци“.
Државната телевизија емитуваше снимки од запалени згради, вклучувајќи и џамија, како и погребни поворки за припадници на безбедносните сили.
Градоначалникот на Техеран, Алиреза Закани, објави дека бунтовниците запалиле 25 џамии во главниот град, оштетиле 26 банки, три медицински центри, 10 владини згради и повеќе од 100 противпожарни возила, автобуси и амбулантни возила. Иранските власти ги окарактеризираа бунтовниците како терористи и ги обвинија Израел и САД за организирање на немирите.
На 29-ти декември, иранските трговците започнаа протести во Техеран поради остриот пад на иранскиот риал. На 30-ти декември, студентите се придружија на немирите. Немирите се проширија во повеќето поголеми градови и врвот на протестите кои станаа насилни со подметнување пожари и употреба на автоматско оружје се сличи вечерта на 8-ми јануари, кога најмалку 13 цивили, вклучувајќи едно тригодишно дете, беа убиени од страна на бунтовниците. Властите објавија за смртта на 38 полицајци.
Мрежата за човекови права со седиште во САД, HRANA, соопшти дека ја потврдила смртта на 572 лица, 503 демонстранти и 69 членови на безбедносните сили. Откако протестите избувнаа на 28 декември и се проширија низ целата земја, уапсени се 10.694 лица, соопшти групата.
Количеството информации што доаѓаат од Исламската Република е сериозно ограничена поради прекинот на интернетот што е во сила од четврток.
И покрај масовните протести, нема знаци на поделба во шиитскиот свештенички естаблишмент, армијата или безбедносните сили. Демонстрантите немаат јасно водство, а опозицијата е фрагментирана.
Иран не објави официјални податоци за бројот на загинати, но за крвопролевањето ја обвинува американската интервенција и, како што вели, терористите поддржани од Израел и САД.
Во своето известување, државните медиуми се фокусираа на смртта на припадниците на безбедносните сили.
Зборувајќи пред голема група собрана на плоштадот во центарот на Техеран, претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, рече дека Иранците водат војна на четири фронта: „економска војна, психолошка војна, војна против САД и Израел, а денес војна против тероризмот“.