Во пресрет на утрешната лидерската средба што премиерот Христијан Мицкоски ја иницираше засега се уште е неизвесно кој ќе седне на масата за разговори околу реформските закони и предлогот за укинување на Пржинската влада. Владиниот партнер ВЛЕН најави дека ќе присуствува и со двајца свои претставници Биљал Касами и координаторот на пратеничката група Беким Ќоку. Тој изјави дека ќе го поддржат предлогот на Мицкоски за укинување на техничката влада.
„Во однос на Пржинската Влада, ние мислиме дека веќе не е должно техничката влада да постои уште затоа што таа е создадена кога државата беше во кризен модус, значи ние немаме веќе кризен модус. Ова го докажавме како Влада и како администрација во организирање на локалните избори“, порача Беким Ќоку.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче уште веднаш ја одби поканата со образложение дека се против тоа во иднина да нема техничка влада која, како што образложи е гаранција за фер избори, а дека за реформските закони ќе гласаат во Собрание. Од партијата и денеска го потврдија нивниот став.
„Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институции и државните ресурси за партиски и криминални цели. Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата, со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР. Легализацијата на масовен надзор со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните. Техничкиот министер од опозицијата е гаранција дека овој система нема да се злоупотреби за седење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата“, вели СДСМ.
Од ДУИ велат дека дополнително ќе одлучат дали ќе присуствуваат, но најавија дека е можно да излезат со свои барања. Генералниот секретар на партијата Арбр Адеми во Клик плус на ТВ21 оцени дека во моментов состанок на лидерите е важен, меѓутоа додава дека лидерските средби треба да се фокусираат на дискусии со рамка и јасна агенда за прашања кои се од значење за државата и граѓаните, а не само за фотографирање. Доколку ДУИ учествува на лидерската средба, Адеми изјави дека на маса ќе го стават прашањето за интеграцијата на државата во Европската Унија и неколку други важни теми за земјата.
„Дали е неопходно да се дискутира за прашања кои се од значење за државата и граѓаните, јас мислам дека да, меѓутоа таа лидерска средба треба да има дијалог со суштина, треба да има дијалог со рамка, треба да има дијалог со добро дефинирана и добро утврдена агенда, а не состанок само за фотографија и слики кои би оделе во дневните вести“, вели Арбер Адеми.
Учество на лидерската средба најавија и од владиниот партнер ЗНАМ, како и од Левица од каде рекоа дека ќе прифатат укинување техничка влада, но само доколку се воведена една изборна единица и се обезбеди еднаков пристап за медиумското претставување во предизборниот период.