Пратеникот на Белата куќа, Стив Виткоф, се сретна тајно со Реза Пахлави, син на соборениот ирански шах на Иран која откако избувнаа насилните протести низ Иран во западните медиуми е претставуван како „истакната личност“ во фрагментираната опозиција, во текот на викендот за да разговараат за протестите, објави веб-страницата Axios во вторникот, повикувајќи се на неименуван американски функционер.
Станува збор за првата средба на „високо ниво“ меѓу иранската опозиција и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп откако избувнаа протестите во Иран пред 15 дена. Пахлави се обидува да се етаблира како „транзициски“ лидер во случај на пад на режимот во Иран.
Пахлави, син на шахот кој беше соборен во Исламската револуција во 1979 година поради неговиот репресивен корумпиран режим кој се потпираше врз западните нафтени компании и воената и безбедносна поддршка од САД и Израел, предводи опозициска фракција од егзил во Соединетите држави. Во текот на изминатите две седмици, Пахлави кој изминатите децении исклучително ретко се огласуваше јавно, се појави на американската телевизија повикувајќи ја администрацијата на Трамп да интервенира воено и да ги поддржи демонстрантите.
Тимот за национална безбедност на Белата куќа се состана во вторник наутро по американско време на разговари за можните одговори на протестите. Претседателот Трамп не присуствуваше на состанокот.
Висок американски функционер изјави за Axios дека дискусиите во администрацијата се во релативно рана фаза. „Сè уште не сме во процес на донесување одлуки за воена акција“, рекол функционерот признавајќи дека е тешко да се предвиди што ќе одлучи Трамп.
Викендов телевизијата CNN, повикувајќи се на свои извори во администрацијата, напомна дека во Вашингтон постои дилема дали воена операција со која се заканува претседателот Трамп можеби нема да предизвика сплотување на Иранците околу владата и клерот кој неприкосновено ја води државата.
Протестите продолжија во градовите низ Иран во вторникот. Проценките за бројот на жртвите во западните проозициски невладини организации остро се зголемија во вторникот, но исто така варираат во голема мера.
Израел ја сподели со Соединетите држави својата проценка дека најмалку 5.000 демонстранти се убиени, рекол американскиот функционер. „Иранците вршат масовна репресија“, додал без да ја коментира веродостојноста на израелската проценка.
Трамп во вторникот го повика иранскиот народ, иако станува збор за протести кои се проследени со брутални насилства но сѐ уште не ја достигнаа масовноста од студентските пред три години, да „продолжи да протестира“ и да „преземе контрола“ врз владините институции, додавајќи дека „помошта доаѓа“. Кога новинарите го прашаа што мисли, Трамп одговори: „Ќе мора сами да го сфатите тоа“ и нагласи дека мисли дека Американците и државјаните на нивните сојузници „треба да го напуштат“ Иран.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во интервју изјави дека демонстрантите добиле наредби од странство да пукаат врз цивилите. Тој истакна дека Техеран поседува бројни докази за вмешаност на САД и Израел во крвавите безредија во кои се палат џамии, се унишуваат приватни и јавни имоти. Аракчи ги цитираше извештаите на израелските медиуми во кои се споменува операцијата на Тел Авив во Иран, како и изјавите на поранешниот државен секретар Мајк Помпео, кој на 31-ви декември социјалните мрежи им посака среќна Нова година на Иранците што учествуваат во протестите и „агентите на Мосад кои се со нив“.