Премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на денешната лидерска средба соопшти дека била постигната согласност за решавање на прашањата од итност и дека за дел од отворените прашања ќе продолжи да се дискутира на ниво на координатори на политичките групи.
Тој најави дека е постигната согласност за старт на проектот „Безбеден град“ и изгласувањето на законите за тој да профункционира, како и за укинување на техничката влада.
На лидерската средба не присуствуваше претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Како што објасни Мицкоски, сите лидери на политичките партии, присутни на средбата истата ја оцениле како конструктивна.
„Граѓаните можеа да видат зрело однесување од политичките чинители. Предложив почесто вакви средби и дебатата по неколку прашање ќе продолжи на ниво на координатори. Убеден сум дека за сите прашања за кои е потребна итност ќе се најде решение. За мене акутно е и за тоа треба да се најде решение, е законот за прекршоци за да може „Безбеден град“ да почне да функционира од 1 февруари. Потребно е двотретинско мнозинство. Сите се согласивме. Се согласивме и дека техничката влада треба да замине во минатото“, рече Мицкоски.
Да се укине техничката влада веднаш, а ако нема согласност од сите политички чинители тогаш и следните редовни парламентарни избори да се одржат со техничка влада и потоа таа да се укине, е ставот на коалицијата „Вреди“ што бил изнесен на денешната лидерска средба.
Како што изјави Биљал Касами од коалицијата „Вреди“, на средбата било изнесено и барањето со измените на Изборниот законик да се изнајде можност за поголемо учество на гласање на дијаспората.
„За изборните единици немаме став, најважно е како и да се одлучи, и за една изборна единица, да има отворени листи“, истакна Касами.
Лидерот на партијата Левица, Димитар Апасиев, по денешната лидерска средба изјави дека побарал обештетување за семејствата на жртвите од Кочани, но оти неговото барање не било прифатено.
„Конструктивен состанок, за прв пат во овој состав. Разговаравме за многу теми, би го издвоил Изборниот законик, многу прашања беа дискутирани како изборна единица. Левицата ја покрена и темата за жртвите од Кочани, побаравме обештетување за семејствата на жртвите од Кочани, но ова не се прифати“, рече Апасиев.