Францускиот премиер Себастијан Лекорну преживеа две гласања за доверба во парламентот во средата, што ѝ овозможува на владата да се фокусира на уште една дебата за буџетот наредните денови.
Гласањето за доверба, по иницијатива на крајнодесничарскиот Национален собир (RN) и крајнолевичарската Непокорена Франција (LFI), беше всушност чин на протест против трговскиот договор на Европската унија со јужноамериканскиот трговски блок Меркосур.
И покрај противењето на Франција, земјите-членки на ЕУ минатата седмица го одобрија потпишувањето на контроверзниот договор со Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, што ги плаши француските земјоделци дека нивното производство ќе биде на удар на масивен увоз на поевтините земјоделски продукти од јужноамериканските земји. RN и LFI ја обвинија владата дека не сторила доволно за да го спречи тоа.
„Внатре во земјата, вие сте влада на вазали што им служат на богатите. Надвор (од неа), ја понижувате нашата земја пред Европската комисија и империјата на САД“, ѝ рече на владата Матилда Пано, шефица на парламентарната група на LFI, зборувајќи во парламентот пред гласањето за доверба во средата.
Социјалистичката партија, како и конзервативната партија Републиканци, изјавија дека нема да го поддржат соборувањата на владата поради Меркосур, што доведе до тоа двете гласања да завршат неуспешно за опозицијата.
Предлогот предложен од LFI успеа да добие 256 гласа, 32 помалку од потребните за изгалсување недоверба на бладата Лекорну. Предлогот на RN, од друга страна, доби само 142 гласа.
Лекорну рече дека времето минато на гласањето за доверба дополнително ги одложило веќе напнатите дискусии за буџетот за 2026 година, додавајќи дека политичките лидери треба да се фокусираат на тоа.
Една од опциите што ги има Лекорну во врска со буџетот за оваа година е да се повика на членот 49.3 од Уставот за да го донесе Законот за буџет без гласање откако ќе се договори за неговата содржина со сите политички групи освен RN и LFI, изјави владин извор.
Меѓутоа, тоа речиси сигурно ќе доведе до повеќе гласања за недоверба во иднина.
Претседателот Емануел Макрон, според неговите помошници, сака буџетот да биде усвоен во јануари и е „неутрален“ во однос на тоа како да се постигне тоа.
Политичката ситуација во Франција е кревка уште од 2022 година, кога Макрон го изгуби мнозинството во парламентот. Неговите проблеми се влошија кога неочекувано распиша парламентарни избори за средината на 2024 година, што резултираше со парламент поделен на три идеолошки блока: неговиот сојуз од десниот центар, левицата и десницата, од кои ниту еден нема јасно мнозинство.