Имплементацијата на мировниот план за Газа влегува во втората фаза, која вклучува разоружување на Хамас, воспоставување технократска влада и почеток на обновата, изјави во средата американскиот специјален претставник, Стив Виткоф.
„Денеска, во име на (американскиот) претседател (Доналд) Трамп, го објавуваме почетокот на втората фаза од планот на претседателот од 20 точки за прекин на конфликтот во Газа и премин од прекин на огнот кон демилитаризација, технократско управување и реконструкција“, напиша Виткоф на социјалната платформа X.
Претставници на палестинската милитантно движење Хамас, која се бореше против Израел до прекин на огнот во октомври, во средата беа на преговори во египетскиот главен град Каиро.
Египетската телевизиска станица al-Kahira објави дека учесниците рекле дека целта на состанокот е да се подготви за втората фаза од мировниот план за Газа.
Договорени членовите на привремената влада
Египетски безбедносни извори изјавија дека Хамас се согласил со предложените членови на преодна технократска влада која ќе се занимава со цивилните работи и јавните услуги во Газа. Нема да вклучува претставници на Хамас.
„Втората фаза воспоставува преодна технократска палестинска администрација во Газа, Националниот комитет за управување со Газа (NCAG), и започнува целосна демилитаризација и реконструкција на Газа, а пред сè разоружување на сите неовластени лица“, напиша Виткоф уште во својата објава
„Соединетите Американски Држави очекуваат Хамас целосно да ги исполни своите обврски, вклучително и непосредното враќање на последниот починат заложник. Неуспехот да се стори тоа ќе има сериозни последици“, нагласи специјалниот американски претставник.
Учесниците на состанокот во Каиро рекоа дека Комитетот треба „веднаш да ги преземе сите задачи и одговорности во Појасот Газа за управување со секојдневниот живот и основните услуги“, објави египетската телевизија.
Без поврзаност со Хамас
Според палестинските медиуми, преодната влада се состои од 14 члена и ќе ја предводи Али Шаат.
Палестинските набљудувачи истакнаа дека сите 14 члена, вклучително и една жена, немаат поврзаност со Хамас, што е во согласност со мировниот план.
Шаат претходно беше заменик-министер за транспорт во Палестинската самоуправа (ПА), која управува со Западниот брег. Израел остро се спротивстави на тоа Палестинската самоуправа да има каква и да е улога во Појасот Газа во иднина.
Вооружениот конфликт во Газа беше предизвикан од нападот без преседан на Хамас и други екстремистички организации врз воени бази, населби и градови на југот на Израел на 7 октомври 2023 година, за време на кој терористите убија околу 1.200 луѓе од кои најмалку 300 припадници на израелските безбедносни формации и одведоа над 250 во Појасот Газа.
Според здравствените власти во Газа, управувана од Хамас, како резултат на израелските напади во крајбрежната енклава загинаа над 71.000 Палестинци во текот на двете години конфликт, најголемиот дел од жртвите го сочинуваат деца и жении и деца.
Мировниот план на Трамп
Трамп го претстави мировниот план во септември 2025 година. Примирјето стапи на сила кратко потоа, на 10 октомври.
Како дел од првата фаза од договорот, сите заложници, како и останките од мртвите заложници, требаше да бидат вратени во Израел. Сепак, телото на еден Израелец сè уште е во Појасот Газа.
Следниот чекор се однесува на разоружувањето на Хамас. Организацијата досега одбиваше да го стори тоа. Членовите на Хамас кои ќе се согласат на мирен соживот со Израел и ќе го положат оружјето ќе бидат амнестирани.
Втората фаза предвидува и Меѓународни сили за стабилизација (ISF) за одржување на редот во енклавата, но нивниот состав сè уште се дебатира.
Меѓународен „мировен совет“ предводен од претседателот на САД ќе ја надгледува преодната влада, а неговите членови сè уште не се познати.
Исто така, израелската армија ќе се повлече од поголемиот дел од Појасот Газа и постепено ќе ги предаде областите што ги зазеде на ISF.
Не е јасно дали преминот во втората фаза ќе успее бидејќи многу прашања сè уште остануваат нерешени.