Соединетите држави повторно го продолжија рокот за завршување на преговорите за продажба на странските средства на рускиот нафтен гигант „Лукоил“, продолжувајќи ја општата дозвола за компаниите да го подготват теренот за склучување договори до крајот на февруари.
САД прво ја продолжија дозволата на почетокот од декември, поставувајќи го 17-ти јануари како рок за склучување договори за купопродажба со „Лукоил“.
Рокот за склучување трансакции со меѓународната мрежа на бензински црпки на „Лукоил“ беше продолжен од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД на почетокот на декември, до 28-ми април оваа година.
Во одлуката објавена во средата, OFAC забележува дека ќе „ги оцени сите понуди за купување на ‘Lukoil International’ врз основа на фактори што ги поддржуваат целите на американската национална безбедност и надворешна политика“.
Американското зелено светло за понудата ќе биде условено, меѓу другото, од прекинувањето на сите врски на „Lukoil International“ со матичната руска компанија и депонирањето на средствата што му се должат на „Лукоил“ на сметка во рамките на американска јурисдикција до укинувањето на санкциите, според руската приватна новинска агенција Интерфакс.
Санкциите врз „Лукоил“ и „Росњефт“ беа воведени од Министерството за финансии на САД кон крајот на октомври минатата година, со образложение дека сака да го ограничи буџетскиот капацитет на Русија за финансирање на војната во Украина.
Неколку дена подоцна, Лукоил објави дека има намера да ги продаде своите странски средства, потврдувајќи дека прифатил понуда од швајцарскиот мултинационален трговец со енергија и суровини „Gunvor“. На почетокот на ноември, „Gunvor“ ја повлече понудата откако Вашингтон сигнализираше дека нема намера да издаде лиценца за работење.
Меѓународната филијала на „Лукоил“, со седиште во Виена, поседува рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, акции во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и Нигерија, како и огромна мрежа бензински црпки во 20 земји, вклучувајќи ги и САД.
Вредноста на меѓународните средства на рускиот нафтен гигант се проценува на околу 22 милијарди долари.
Според извори и медиумски извештаи, голем број компании изразиле интерес за купување на средствата на „Лукоил“, вклучувајќи ги американските нафтени гиганти „Chevron“ и „ExxonMobil“ и инвестициската компанија „Carlyle“, како и „Abu Dhabi National Oil Company“ и конгломератот „International Holding Company“ од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Според неименувани извори, унгарската компанија MOL, исто така, на американските претставници им го искажала својот интерес за купувањето на, првенствено рафинериите и бензинските црпки на „Лукоил“ во Европа, како и за удели во наоѓалишта во Казахстан и Азербејџан.