Кошаркарите на белградска Црвена ѕвезда го победија Армани во Милано со резултат од 104:96 по големиот пресврт во 22-то коло од Евролигата.
Италијанскиот тим водеше во поголемиот дел од натпреварот, а имаше +13 во третата делница, но Ѕвезда успеа да се врати, да направи чудесен пресврт и во завршницата со многу самодоверба да ја зачува победата.
Но и покрај поразот, Армани во првиот натпревар во Белград направи залиха од 10 поени, па така има подобар скор во меѓусебните средби од Ѕвезда.
Ѕвезда подобро го отвори натпреварот, водепе со 2:7 и 4:10, но беа меки во одбраната, па Олимпија од Милано брзо го сврти резутлато во своја полза 16:12. Белграѓаните повторно заиграа добра па поведоа со 25:20, но Армани успеа да стигне до -2 на крајот од првиот дел – 25:27.
На почетокот од втората четвртина, Ѕвезда напаѓачки се изгуби, а под сопствениот кош имаше проблеми со скокот и во преземањата, што Армани го искористи за да воспостави контрола над играта, и набрзо се одлепи на двоцифрена предност – 52:40. Ѕвезда направи серуја од четири поени, но Леандро Болмаро одговори со тројка за 55:44 на полувремето.
Гостите влегоа подобро и во второто полувреме, неколкупати се приближија на -7, но Армани секогаш имаше одговор и набрзо се одвои на 65:52. Ѕвезда повторно го намали заостанувањето на 67:73, но следеше уште еден пад што домаќинот го искористи за водство од 82:70 на крајот од третата четвртина.
Се чинеше дека Ѕвезда ќе го впише третиот пораз во серија и тоа со голема разлика поради лошата одбрана, но следеше голем пресврт. Џаред Батлер доминираше во нападот, додека Семи Одџелеј имаше голем придонес на двете страни од теренот. Кошаркарите на Армани ја загубија концетрацијата и самодовербата, дозволија серија од 1:15, што беше клучно за крајниот исход на мечот.
На крајот, „црвено-белите“ не си ги дозволија претходните грешки, играа со многу енергија во одбраната што беше доволно за победата. Покрај сето тоа, и реализацијата на слобдните фрлања се подобри, па дури ни тројката на Марко Гудуриќ не му беше доволна за Армани.
Најдобар играч за победничкиот тим беше Џордан Нвора со 22 поени и четири скока, додека Батлер и Чима Монеке додадоа по 18 поени. Коди Милер-МекИнтајер исто така беше одличен со 15 поени, осум скока и седум асистенции, додека Никола Калиниќ помогна со 10 поени, пет скока и одлична одбрана.
Кај Армани, Севон Шилдс беше подобар од другите со 22 поени и четири асистенции, но беше исклучен од играта порано поради пет прекршоци. Болмаро додаде 13 поени, Џош Нибо 12 со пет скока, Марко Гудуриќ 11, а Армони Брукс имаше 10.
Ѕвезда сега има скор од 12-10, исто како и Жалгирис, додека Армани има по 11 победи и порази.
Во следното коло, Ѕвезда гостува кај Монако, додека Армани ќе игра против Реал Мадрид.
Кошаркарите на Монако го победија Париз со 95:87 и барем привремено го заземаа првото место. Монако до победата го предводеа Мајк Џејмс со 23 поени, Алфа Дијало додаде 16 поени, а Ели Окобо 12 поени. Кај домаќините најефикасни беа Надир Хифи со 19 и Џаред Роден со 17 поени.
Во дуелот на соседите во табелата, Виртус победи во Дубаи со 80:72. Гостите до 11-та победа ги предводеа Карсен Едвардс со 21 поен и Салиу Нианг со 17 поени и дури 17 скока. Алекса Аврамовиќ со 17 и Двејн Бејкон со 16 поени се истакнаа за Дубаи.
И Басконија оствари победа на гости, совладувајќи го Анадолу Ефес со 89:75. На крајот од третата четвртина, Ефес водеше со 59:58, но Басконија ја доби последната делница со резултат 31:16 за убедливи +14 на крајот. Родионос Куруч со 18 и Трент Форест со 17 поени беа најефикасни во редовите на шпанскиот тим, додека домаќините ги предводеа Џордан Лојд со 12 и Исаја Кординие со 11 поени.
Макаби Тел Авив беше подобар од Жалгирис со 100:97. Најдобри од израелскиот тим беа ТиЏеј Лиф, Роман Соркин и Џими Кларк со по 17 поени. За Жалгирис се истакнаа Силавен Франциско со 22 поени и шест асистенции, и Мозе Рајт со 17 поени и 11 скока.
Монако води на табелата со резултат 15-7, додека Хапоел Тел Авив е втор со 14-6, но со два натпревара помалку.