Во одложениот натпревар од 16-то коло од италијанското фудбалско првенство, Милан го победи Комо со 3:1 на гостински терен, намалувајќи ја разликата зад лидерот Интер на три бода.
Наполи, Интер, Милан и Болоња ги одиграа одложените натпревари од 16-то коло поради учество во Суперкупот на Италија во декември. Наполи и Интер играа во средата. Интер го победи Лече со 1:0, додека Наполи и Парма одиграа без голови.
Четвртокот ги донесе преостанатите два натпревара. Милан освои важни бодови во Комо, славејќи со 3:1, додека Болоња победи во Верона со 3:2.
Иако губеше со 0:1 во првото полувреме и според виденото на теренот требаше да прими уште неколку гола, Милан се извлече на стадионот „Џузепе Синигалја“ и со пресврт стигна до важни бодови во борбата за шампионската титула. Херои на победата на Милан беа Адриен Рабио, кој постигна два гола и изнуди пенал, и Мајк Мењан, кој имаше неколку одлични одбрани.
Милан со тоа ја продолжи својата серија без пораз против Комо на 14 натпревари, последниот пат загуби во јануари 1985 година на домашен терен.
Комо поведе во десеттата минута. По кратко изведениот корнер, топката стигна до Батурина, кој одлично ја нафрли пред голот до Марко Оливер Кемпф, кој го натскока Јусуф Фофана на петте метри и со глава ја испрати топката во мрежата за 1:0. Во 24. минута, Батурина повторно испрати одлична топка, овојпат до Нис Паз, кој шутираше одлично, но Мајк Мењан направи уште подобра одбрана.
Паз шутираше и во 31. минута, но голманот на гостите беше подготвен. Комо, исто така, направи чекор кон зголемување на водството во 40. минута, Војвода нафрли а Лукас Да Куња со глава шутираше од неколку метри, но францускиот голман реагираше фантастично. Милан не покажа ништо во првото полувреме, но сепак израмни во судиското продолжение.
Алексис Салемакерс го проигра Адриен Рабио, кој беше соборен од Кемпф со невнимателен старт. Судијата Марко Гуида покажа на пенал, а неговата одлука беше потврдена со ВАР. Кристофер Нкунку постигна гол, со што резултатот на полувремето гласеше 1:1.
Гостите го свртија резултатот во 55. минута. Тоа беше мајсторски контранапад на „Росонерите“, Салемакерс со долга топка го исфрли во празно Леао. Португалцот му додаде на Рабио кој одлично реализираше за 2:1. Само четири минути подоцна, Паз речиси израмни, но ја погоди рамката на голот.
Во останатиот дел од мечто Комо продолжи да се труди обидувајќи се да израмни, но Рабио ги реши сите сомнежи постигнувајќи одличен гол за 3:1 со удар од 20 метри во 88. минута.
Во претходниот натпревар, Болоња ја победи Верона со 3:2, исто така, на гостински терен. Верона поведе во 13. минута со голот на Гифт Орбан, но гостите го свртија резултатот со три гола до крајот на полувремето, а стрелци беа Рикардо Орсолини (21), Јенс Одгард (29) и Сантијаго Кастро (44). Во второто полувреме, Верона ја намали разликата по автоголот на Ремо Фројлер во 72. минута. Шест минути подоцна, Амин Сар можеше да израмни, но Федерико Равалја одбрани.
Болоња скокна на осмото место со 30 бода, додека Верона е на последното 20-то место со 13 бода.
Интер имаше тешка победа од 1:0 над Лече во среда, а Франческо Еспозито го постигна победничкиот гол во 78. минута.
За разлика од Интер, кој освои важни бодови во трката за титулата, актуелниот шампион Наполи само ремизираше 0:0 со Парма за трето последователно реми, дополнително намалувајќи ги шансите за одбрана на титулата.
Интер е лидер на табелата со 46 бода, Милан има 43, Наполи 40, а Јувентус и Рома имаат по 39 бода. Комо е шести со 34 бода.