Украинските преговарачи патуваат во Соединетите држави за да ги разјаснат условите за евентуален мировен договор со Русија, изјави претседателот Володимир Зеленски во петокот, по острата забелешка на американскиот претседател Доналд Трамп дека Киев го попречува завршувањето на војната.
Украинскиот тим активно соработува со претставници на американскиот претседател, „и покрај сè“, рече Зеленски на социјалните мрежи, додавајќи дека се планирани состаноци за наредните денови.
Во делегацијата се наоѓаат секретарот на Советот за национална безбедност, олигархот и поранешен министер за одбрана Рустем Умеров, новиот шеф на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов досегашен шеф на военото разузнавање, и пратеникот Давид Арахамија.
Киев се надева дека ќе има „поголема јасност во врска со документите што ги подготвивме со американската страна и во врска со прашањето за одговорот на Русија на сите направени дипломатски напори“, напиша Зеленски на Telegram.
Украинскиот лидер неодамна објави дека билатералниот документ со САД за безбедносни гаранции за неговата земја е „90 отсто подготвен“ за финализирање со Трамп.
Ова следува по долгите преговори иницирани од американскиот претседател за завршување на војната. Американската страна разговара и со Украина и нејзините европски сојузници, како и со Русија, но во моментов нема директни мировни преговори меѓу завојуваните земји, кои продолжуваат да напаѓаат.