Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, која заминува од позицијата, денеска, по многу средби со министри и други видни функционери, денеска се сретнала и со премиерот Христијан Мицкоски.
„Силното партнерство меѓу САД и Македонија ги унапредува заедничките интереси. За време на прошталната средба со премиерот Мицкоски, амбасадорката Агелер се осврна на продлабочувањето на односите меѓу САД и Македонија преку проширената соработка во областа на безбедноста и трговијата“, информираат од амбасадата.
Агелер изразила благодарност за силното партнерство кое придонесе за унапредување на интересите на двете држави.

Како што објави премиерот Мицкоски на неговата Фејсбук-страница, на средбата тој упатил искрени желби за нејзина успешна работа понатаму.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Во пријатна и конструктивна атмосфера се разменија мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности. Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“, напиша Мицкоски.
