Во болницата во западниот бугарски град Перник (на потегот помеѓу Ќустендил и Софија) сега работат 14 лекари од Индија, Судан, Сомалија, Турција и Ирак. Во обид да се запре кризата со бројот на вработени, медицинската установа привлече лекари од источните земји, наведува Бугарската национална телевизија (БНТ).
Д-р Саид е од Индија. Тој почнал да работи во тежок период за болницата во Перник. Детското одделение било пред затворање поради недостиг на лекари. Тој дознал дека оваа медицинската установа има итна потреба од лекари и поднел документи.
„Се чувствувам добро прифатен, ми помагаат со системот. На почетокот беше тешко, сè е на бугарски јазик, морам да пишувам, но колегите ми помогнаа. Ми се допаѓа Перник, има култура, сите ги почитуваат лекарите,“ вели Саид, кој е специјализант по педијатрија.
Болницата, заедно со општината, му обезбедила сместување за скромна кирија. Д-р Саид обожава да работи со деца. И иако на почетокот се плашат, тој ги успокојува.
Дипломирал медицина во Плевен, голем град во Североисточна Бугарија. Вели дека образованието во Бугарија е на многу добро ниво.
„Барав најдобра опција, а во Бугарија беше прекрасно, даваат добро клиничко образование. Видов оглас во Индија за Универзитетот во Плевен. Во Индија, по 12-то одделение, има испит, секоја година се појавуваат 3 милиони и нема место за сите, многу е тешко, бидејќи има само 3.000 места, има многу кандидати,“ објаснува Саид.
Специјализантите помагаат во криза
По кризата во медицинската установа поради недостиг на персонал, ситуацијата сега е стабилизирана, велат од болницата. Педијатријата функционира, а одделот за ОРЛ, кој беше затворен еден месец, сега работи по нормален распоред. Медицински сестри од Ќустендил сè уште даваат дежурства.
„Проблемот е во цела Бугарија, секоја болница, без разлика дали е државна или приватна, страда од недостиг на персонал, голем дел од персоналот е на пред-пензиска возраст или токму пред пензионирање. „Рахила Ангелова“ можеби се појавува како слика за состојбата во земјата,“ вели д-р Јавор Дренски, директор на болницата во Перник.
Болницата презема стратегија – покануваат истакнати специјалисти од земјата да работат со младите лекари и да ги обучуваат.
„Тоа ми помогна да привлечам колеги. На овој начин, младиот специјализант добива пристап до тој професионализам. Се покажа дека Универзитетот во Плевен има програма за обука на странски студенти и поканивме нови дипломирани студенти со бугарска диплома да почнат да работат кај нас. Моментално работат 9 млади колеги од Индија, имаме од Судан, Сомалија, Турција, Ирак – вкупно има околу 14. Сите одделенија функционираат“, вели директорот Дренски.
Од Сомалија, преку Украина, Данска и Норвешка – во Бугарија
Д-р Захра Ахмед е од Сомалија. Таа е една од шесте странски доктори на одделот за неврологија.
Посветувањето на оваа специјалност е нејзин сон што се остварил. Таа завршила средно образование во Сомалија, а студирала медицина во Украина. Но, поради граѓанската војна во нејзината татковина, не може да се врати.
Живее и работи во Данска и Норвешка. Нејзиниот сопруг и две од нејзините деца моментално живеат таму. Но, таа дошла во Бугарија пред неколку години бидејќи имала можност да специјализира неврологија тука.
„Можев да специјализирам на сите одделенија на кои работев, но мојот сон беше само неврологија. Добив можност да ја изучувам оваа специјалност во Бугарија, ги испратив моите документи до Министерството за образование, мојата диплома е европска, јас сум данска државјанка и ми дадоа шанса. Почнав на Универзитетот во Плевен, следев курсеви 6-7 месеци, положив државен испит по бугарски јазик и можев да почнам во мојата специјалност, “ објаснува Ахмед.
Таа испраќала документи во многу болници, но добила повик од Перник. Тие ѝ рекле дека им требаат невролози и д-р Ахмед не се двоумела да ја искористи шансата. Таа во болницата работи веќе две години.
Д-р Захра Ахмед, невролог, вели дека кога почнала со работа, било многу тешко.
„ Не само јазикот, не го познавам системот во Бугарија, секоја земја е различна. Но, ме прифаќаат тука, помагаат со сè“, вели таа.
Сите сме тука за пациентите!
Д-р Даниела Стојчева, раководител на одделот за неврологија, вели дека без разлика кој од каде е, сите се таму за пациентите.
„Ние сме меѓународен тим – има тројца Бугари и шест странски лекари. Различни култури, јазици, но заедничката кауза ни е пациентот“, појаснува шефица на Неврологија во болницата во Перник.
Во последно време, се забележува тренд на сè повеќе лекари од други земји кои ги пополнуваат празните места во болниците во Бугарија.
Д-р Јавор Дренски, директор на болницата „Рахила Ангелова“ – Перник вели дека некои од младите доктори што дипломираат, одат на специјализација во ЕУ и затоа недостигаат млади бугарски специјалисти.