Археолозите открија објект за кои веруваат дека е древна базилика стара повеќе од 2.000 години во италијанскиот град Фано, која му се припишува на древниот римски архитект и инженер Витрувиј, познат и како „татко на архитектурата“.
Витрувиј, кој живеел во првиот век п.н.е., е познат по пишувањето на „De architectura“, најстариот зачуван трактат на оваа тема.
Неговите учења за класичните пропорции на зградите ги инспирирале уметниците со векови, вклучувајќи го и Леонардо да Винчи, чиј познат цртеж на човечкото тело е познат како „Човекот на Витрувиј“.
Археолозите веруваат дека пронашле остатоци од древна базилика во централниот италијански град Фано, североисточно од Рим, проектирана од Витрувиј.
„Ова изгледа како откритие на векот, бидејќи научниците и истражувачите ја бараат оваа базилика повеќе од 500 години“, изјави минатата седмица градоначалникот Лука Серфилипи.
Археолошкиот надзорник Андреа Песина изјави дека откритието „апсолутно се совпаѓа“ со описите што Витрувиј ги напишал во своите книги.
Натамошните ископувања ќе утврдат дали голем дел од базиликата лежи под земја и дали локацијата може да се прикаже на јавноста, додаде надзорникот.
„Тоа е сензационално откритие и нешто за што нашите внуци ќе зборуваат“, заклучи италијанскиот министер за култура Алесандро Џули.



